БЕСПЛАТНИ СОВЕТИ ОД ПСИХОЛОГ, ПРАВНИК И СОЦИЈАЛЕН РАБОТНИК Општина Центар отвори советувалиште за жртви на насилство
Советувањата ќе се реализираат секој вторник во времетраење од 4 часа со почеток од 10 до 14 часот во просториите на Младински центар, (Матично), Општина Центар.
Општина Центар во соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле злоупотребени. Станува збор за давање бесплатни совети од страна на стручни тимови со различни области.
Психолошкото советување опфаќа психолошката помош обезбедена од психолог искусен за траума и злоупотреба, кој нуди индивидуални и групни советувања за жртвите, фокусирајќи се на исцелување, зајакнување и развивање на отпорност.
Правното советување се однесува на примарната правна помош обезбедена од стручно лице кое на граѓаните кои биле злоупотребени им нуди општи и начални упатства и информации за начинот, условите и постапката за остварување на определено право или интерес во областа за семејно и родово базирано насилство. Правникот нуди и исполнување на конкретна обврска и упатување на надлежен јавен орган или надлежен суд, совет за начинот и можностите за решавање на правното прашање, совети за законската регулатива, можноста за вонсудско решавање, за правилата и трошоците на постапката, за извршување на одлуките на постапката, како и запознавање со правата и обврските на барателите и корисниците на бесплатна правна помош.
Советувањето од социјален работник на граѓаните жртви им нуди поддршка во пристапот до социјални услуги, вклучувајќи советување за домување, можности за вработување и образовни ресурси.
Услугите на советување ќе се реализираат секој вторник во времетраење од 4 часа со почеток од 10 до 14 часот во просториите на Младински центар, (Матично), Општина Центар.
Општина Центар напоменува дека давателите на услуги, односно стручниот тим во постапувањето обезбедува заштита на жртвите, го штити нивниот идентитет и нивните податоци, ја гарантира доверливоста на податоците и информациите кои се прибираат при работата и го почитува нивното достоинство.