„ГРАДОТ НИ ГО УНИШТУВА ЦЕНТАРОТ“ Герасимовски им симнува капа на хигиеничарите кои се „борат“ со преполните контејнери за кои е задолжен Градот
Проблемот е во мешањето на ингеренциите и лошото менаџирање со отпадот од страна на Градот. Недостигот на контејнери и капацитети доведува до преполнување и создавање нехигиенски услови - изјави Герасимовски.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, денеска јавно го критикува Град Скопје за состојбата со хигиената во општина Центар. Тој смета дека неадекватната услуга на ЈП Комунална хигиена и несоодветното одржување на контејнерите се главните причини за проблемите со отпадот во Центар.
Во интервју за телевизија 24, Герасимовски истакна дека вработените хигиеничари во Општината даваат максимални напори, но дека негрижата на Градот придонесува сликата за јавната хигиена во Центарот да изгледа неуредна.
– Јас искрено од самите вработени и нивното менаџирање сум презадоволен и им симнувам капа за сето она што го работат. Проблемот е во мешањето на ингеренциите и лошото менаџирање со отпадот од страна на Градот. Недостигот на контејнери и капацитети доведува до преполнување и создавање нехигиенски услови. Со нечистење на кантите во вечерните часови и со бројните кучиња скитници, џабе ни се нас како општина и 200 и 300 хигиеничари коишто би воделе ред и грижа. Значи, проблемот е заеднички и би упатил дополнителна порака до граѓаните сите да ја подигнеме свеста во делот на хигиената и да придонесеме за почист Центар – рече тој.
Герасимовски очекува од Град Скопје да преземе конкретни мерки за решавање на проблемот со хигиената и да обезбеди адекватни услови за работа на комуналните служби.