ЌЕ ИМ БИДАТ ПОДДРШКА НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ Се ангажираат повеќе од 1.000 образовни асистенти
Досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а се обезбедени пари и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во новата учебна 2024/2025 година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани повеќе од 1.000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски.
Од МОН појаснуваат дека образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.
Досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а се обезбедени пари и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.
-Согласно Правилникот за норматив, опис на компетенции и работни задачи на образовен асистент, еден образовен асистент може да обезбедува поддршка на 1 до 3 ученици со попреченост во иста паралелка. Доколку се случи ученик со попреченост да нема образовен асистент од првиот училишен ден, училиштата се должни преку училишниот инклузивен тим, а во соработка со ресурсните центри да ја обезбедат потребната поддршка на ученикот за успешно почнување на образовниот процес. Училишниот инклузивен тим развива инклузивна стратегија за прием и адаптација на учениците со попреченост во наставата од самиот почеток на учебната година – појаснуваат од МОН.