Бесмислените приказни на доктор Филипче
ВМРО и ДУИ договориле „детабилизација“. Тропа Венко Филипче. Од човек кој идолизира ликови како муртинскиот пиперкар и брат му, и оваа политичка „анализа“ е премногу. Ама сепак, кажана е. Стропана и пуштена да се тркала, без никаков резон.
Да се искаже став е демократско право, гарантирано со Устав.
Сепак, кога ќе се стропа нешто, не е лошо да се аргументира, особено ако доаѓа од шефот на една солидно голема партија како СДСМ.
Океј, опортуно било да каже дека „приказната за дестабилизација е веројатно договорена меѓу ВМРО и ДУИ“. Но, добро е да објасни – како и зошто?
Зошто на ВМРО, која вети и оствари дека ДУИ ќе оди во опозиција, би ѝ одговарало ДУИ да се јакне преку националистичкиот наратив? За да ја врати во власта? Што ќе ѝ е?
Што ќе добие ВМРО ако ДУИ е во власта? Ништо. Напротив, ќе изгуби.
Па, зошто би ја враќала ДУИ во живот? Од садомазохистички причини?
Докторе!
Или, пак, можеби ВМРО многу сака да си ја дестабилизира свохата влада, имајќи предвид дека Влен ќе се обидува да „парира“ на националистичкиот дух на ДУИ, мислејќи дека така ќе го задоволи гласачкото тело, па би правеле политички глупости и вратоломии со кои ќе одговорат на реториката на ДУИ. Па затоа ВМРО и ДУИ договарале, според Венко, „приказни за дестабилизација“.
Мислам… докторе!
Не е бре ова власт на ВМРО и ДУИ, па ќе фураме приказни дека договориле дестабилизација, за да јакнат кај своите гласачи, правејќи договорени „трзалици“. ВМРО е во коалиција со Влен, тоа е причината поради која ДУИ е во опозиција. Во Влен сè уште не може да го најдат најдобриот модус како да излезат од поривот да се ‘рваат со ДУИ-стичките потези и наративи, секојдневно.
Нема никаква, никаква логика, причина, основ и контекст ВМРО и ДУИ заеднички да делуваат во вакво сценарио. Никаква!
Ама не, ќе се појават во интервју големиве стратези и ќе стропаат теза „од на времето“ кога беа опозиција пред 10-тина години. Без мислење, без логика, без оправданост.
Од човек кој делува дека идолизира ликови како муртинскиот пиперкар и брат му, и оваа политичка „анализа“ е премногу. Ама сепак, кажана е. Стропана и пуштена да се тркала, без никаков резон.
Онака, реда-ради. Купи-ден-помини.
Трагикомедија.
(Фејсбук статус на авторот. Насловот е редакциски.)