ПОЧЕСНА СТРЕЛБА ЗА ДЕНОТ НА АРМИЈАТА Вечерва во 19 часот во Скопје ќе се слушнат пукотници
По 18:00 часот ќе биде извршена пробна артилериска стрелба со еден плотун од артилериските орудија.
По повод Денот на Армијата – 18 Август, вечерва во 19:00 часот, во скопската касарна „Илинден“ ќе се изврши
почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.
Како што информира Министерството за одбрана, претходно, во попладневните часови или по 18:00 часот ќе биде извршена пробна артилериска стрелба со еден плотун од артилериските орудија.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи во Охрид утре со почеток во 10.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв.
Со пригоден говор на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата, како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На свеченоста се поканети и се очекува да присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицковски, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор, Грегори Најт, дипломатскиот кор во Република Северна Македонија и други.