ИНЦИДЕНТ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Шефот на обезбедување на Гаши се заканувал со пиштол и турнал полицаец
Од МВР потврдуваат дека се случил инцидент и дека се работи на негово расчистување, а повеќе детали најавуваат за подоцна.
Инцидент се случил денеска на Скопскиот аеродром во кој инволвиран бил шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во вип-салонот се случила голема расправија помеѓу членови на обезбедување вработени на Аеродром со членови на обезбедување на собранискиот спикер, а заиграле и пиштоли. За среќа, не бил испукан ниту еден куршум и нема повредени.
Имено, косовската претседателка Вјоса Османи денеска пристигнала на Скопскиот аеродром кој го користела како транзит, а од обезбедувањето на аеродромот било побарано таа да го даде мобилниот телефон и рачниот багаж на проверка.
Но, откако одбила, шефот на обезбедувањето на Гаши со неколку членови од обезбедувањето пристигнал на Скопскиот аеродром за да асистира таа да биде пропуштена без проверка на багаж.
Откако аеродромското обезбедување одбило да ја пропушти, наводно шефот на обезбедувањето на Гаши го извадил својот пиштол и почнал да се заканува, објави Канал 5.
Од МВР, информираат дека веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со обвинителството при Одделнието за борба против организран криминал се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што, велат ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
„Денеска (01.08.2024) околу 10 часот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопштуваат од МВР.