НИЕДНА СКОПСКА ОПШТИНА СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌА ЗА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА „Лајка“ се жали дека е заглавена во долгови

144

Јавното претпријатие „Лајка“ се жали дека скопските општини со години не ги плаќаат нивните обврски кон претпријатието поради што тоа не може целосно да ја врши својата работа.

„Проблемот со бездомните кучиња за кој сѐ почесто се говори не може да се надмине без системско решение, а законот со кој треба да се регулира несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици повеќе од четири години е во процедура за донесување. Јавната свест за вдомување во Македонија е ниска, јавното претпријатие Лајка кое треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет кој го има е од Град Скопје, а скопските општини скоро воопшто не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска да ги исплаќаат“, се наведува во соопштенито од „Лајка“.






Оттаму велат дека годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП „Лајка“, а тие тоа не го прават. Од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3.

„За да има резултати Лајка треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно. За жал, сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП Лајка и Градот Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање отштети за каснување од бездомно куче“, велат од „Лајка“.

Од претпријатието нагласуваат дека состојбата се влошува со носење голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот. За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никаква интервенција од полицијата.

Дополнителен проблем се и селските кучиња кои имаат неодговорни сопственици и кои ги пуштат слободно се парат. Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото, сопствениците ниту мораат да ги регистрираат, ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат.

Поврзани содржини