ЛАВРОВ ИМ СЕ ЗАКАНИ НА САД И НА НАТО Нашиот потег малку ќе ги вразуми
Планираната испорака на борбени авиони Ф-16 со нуклеарно вооружување на Украина, Русија ја смета за „сигнална акција“ на НАТО, истакна рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Кина би можела да организира мировна конференција на која ќе учествуваат Русија и Украина, ја цитира агенцијата РИА изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Лавров рече дека таквиот потег ќе биде продолжение на напорите на Пекинг за решавање на украинската криза.
– Го делиме ставот на Кина дека првенствено треба да се справиме со основните причини за конфликтот и да ги заштитиме правните интереси на сите страни, со последователни договори засновани на принципот на еднаква и неделива безбедност. Да нагласам уште еднаш, тоа подразбира почитување на реалноста на теренот, која ја одразува волјата на луѓето кои живеат таму – рече Лавров во изјавата за РИА.
Русија постојано повикува на преговори под услов Киев и Западот да ги признаат нејзините територијални придобивки во Украина. Киев ги отфрли тие предлози. Лавров ги критикуваше САД дека и помагаат на Украина, велејќи дека Вашингтон стана „учесник во злосторствата на режимот во Киев“.
Тој исто така рече дека Русија ја смета планираната испорака на борбени авиони Ф-16 со нуклеарно вооружување на Украина, за „сигнална акција“ на НАТО.
– Тие се обидуваат да ни кажат дека САД и НАТО нема да запрат пред ништо во Украина – рече Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи потсети на катастрофалните последици од понатамошна нуклеарна ескалација.
– Сепак, се надеваме дека тековните руско-белоруски вежби за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје малку ќе ги просветлат нашите противници и ќе ги потсетат на катастрофалните последици од понатамошната нуклеарна ескалација. На Блискиот Исток, САД исто така го разгоруваат пламенот на конфликтот – посочи Лавров.