ЕВРОПА СЕ СООЧУВА СО ДВЕ ВОЈНИ Многу тензии може да излезат од контрола, предупреди Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на обраќањето во Брисел посочи дека некои од овие кризи би можеле да ескалираат во голема глобална конфронтација.
Европа се соочува со две „брутални војни“ во близина на нејзините граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во говорот на крајот од Шумановиот безбедносен и одбранбен форум што се одржа во Брисел.
Борел предупреди дека некои од овие кризи би можеле да ескалираат во голема глобална конфронтација „во време кога светот стана мултиполарен, а мултилатералниот систем кој треба да го одржува мирот е длабоко ослабен“.
– Ние Европејците се соочуваме со две брутални војни во близина на нашите граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола – во Либија, во Сахел, на Западен Балкан, на Кавказ, во Судан, на југот на Африка, на границите на Демократска Република Конго, во Заливот, во Јужното Кинеско Море, во Јужна Азија и со бандите и наркокартелите во Латинска Америка и Централна Америка – рече Борел.
Тој додаде дека дури и институциите кои се срж на системот на Обединетите нации, како што е Меѓународниот суд на правдата (МСП), може да бидат ослабени.
– Доколку не се почитуваат пресудите на Меѓународниот суд на правдата, светот ќе биде во многу полоша ситуација. И следниот пат нема повторно да се повикуваме на Меѓународниот суд на правдата ако овој пат неговата пресуда не биде спроведена – а не беше – нагласи Борел.
Во Брисел се одржа вториот Шуманов безбедносен и одбранбен форум на кој се собраа политичари, високи носители на одлуки, воени претставници на земјите-членки на ЕУ и повеќе од 60 земји партнери, како и претставници на меѓународни и регионални организации и академски заедници.