НИКОЛА ЈОКИЌ ПО ТРЕТ ПАТ ПРОГЛАСЕН ЗА МВП Српскиот кошаркар влезе меѓу великаните во НБА
Со 3 освоени МВП титули, Јокиќ сега е изедначен со Лери Бирд, Меџик Џонсон и Мозес Мелоун . Пред него на вечната листа се Леброн Џејмс и Вилт Чембрлен кои имаат по 4 титули, Бил Расел и Мајкл Џордан кои имаат по 5 МВП признанија и најуспешниот Карим Абдул Џабар, единствениот кошаркар во историјата што го освоил најпрестижното признание во НБА дури 6 пати.
Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Никола Јокиќ по трет пат во последните четири години ја освои титулата најкорисен играч во регуларниот дел од НБА лигата. Третото МВП признание за српскиот кошаркарски гениј го смести во друштво на легендите на НБА.
Со 3 освоени МВП титули, Јокиќ сега е изедначен со Лери Бирд (три по ред од 1984 до 1986 година), Меџик Џонсон (1987, 1989 и 1990 година) и Мозес Мелоун (1979, 1982 и 1983 година). Пред него на вечната листа се Леброн Џејмс и Вилт Чембрлен кои имаат по 4 титули, Бил Расел и Мајкл Џордан кои имаат по 5 МВП награди, додека Карим Абдул Џабар е единствениот кошаркар во историјата кој го освоил најпрестижното признание во НБА дури 6 пати (1971, 1972, 1974, 1976, 1977 и 1980 година).
Во сезоната во која одигра дури 79 од 82 натпревари Јокиќ ги остави зад себе главните конкуренти – Лука Дончиќ и Шај Гилџес-Александер, доби 79 гласови за прво место и со вкупно 926 поени запечати уште една блескава сезона во која имаше просек од 26,4 поени, 12,4 скока и 9 асистенции.
– Ќе бидам искрен, помила ми е минатата година кога не бев МВП, но бевме шампиони. Сето ова е еден голем процес, патување, јас сум само некој кој е пред камерите, но зад мене е цел тим од соиграчи, тренери, медицински персонал, семејства, се разбира. Не можете да го видите, но јас сум всушност само еден од нив – во свој стил изјави Јокиќ откако легендарниот Чарлс Баркли го прочита неговото име како добитник на МВП признанието.