РУСКОТО ЊЕТ МУ ПРЕСУДИ НА МАКЕДОНСКОТО ЈАБОЛКО Бугарите и Косовците најмногу се сладеле со делишесот
Лани од извоз на јаболка се остварени 14 милиони евра што е за 8% помалку од 2022 година. Лани се увезени околу 5.000 тони јаболка во вредност од 2,5 милиони евра.
Овоштарите лани од извоз на јаболка заработиле 14 милиони евра што е помалку за 8% во однос на претходната 2022 година кога заработиле 15,3 милиони евра. Во однос на 2022 година се намалени и количините кои се извезени. Лани се извезени 65,3 илјади тони јаболка на странските пазари, што е за 27% помалку во споредба со продадените 89,6 илјади тони во 2022 година.
Ова се должи главно на намаленото производство на јаболка за 51,2% лани, но и на губењето на рускиот пазар каде што годишно пред тоа се пласираа половина од извезените количини.
Статистичките податоци покажуваат дека лани не е продаден ниту еден килограм на јаболка на рускиот пазар како резултат на забраната за увоз на македонското јаболко донесена од Русија која дојде по воведувањето на санкциите од земјава кон Москва поради војната со Украина.
Речиси половина од извозот на јаболка е реализиран во земјите од поблискиот регион, а остатокот во некои од европските земји.
Според статистичките податоци, најголем увозник на македонско јаболко лани била Бугарија каде што се извезени 23,6 илјади тони, или е реализиран извоз во вредност од 4 милиони евра. По Бугарија следува Косово каде што се извезени 9,6 илјади тони во вредност од 3 милиони евра. Во Србија, лани се извезени 14,8 илјади тони во вредност од 2,8 милиони тони. Следи Грција каде што се извезени 8.000 тони во вредност од 1,5 милиони евра, БиХ со извоз од околу 1 милион евра. Само на овие пет пазари лани имало извоз на јаболка поголем од 1 милион евра.
Остатокот од извозот е реализиран во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Словачка, Холандија, Албанија, Чешка, Германија, Австрија и други европски земји каде што се извезени помали количини, а и приходот е понизок.
Голем придонес во целокупната состојба лани има и намалувањето на површините под овоштарници за 2,5%, но и увозот на јаболка кој го потисна домашното јаболко во маркетите и на зелените пазари. Лани се увезени околу 5.000 тони јаболка во вредност од 2,5 милиони евра.
Бројките не се поразлични и за извозот на останатото овошје. Вкупниот извоз на овошје од земјава лани изнесувал 44,7 милиони евра, што е намалување за 11% во споредба со вредноста на извозот во 2022 година. Количински е забележан пад од 26%.
Состојбата со извозот на јаболка денеска на социјалните мрежи ја прокоментира и дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски кој направи споредба на извозот во 2016 и остварениот лани.
„Јаболкото е најизведуваното овошје од Македонија од кое се остварува годишен девизен прилив од над 20 милиони евра. Но, со СДСМ на власт денес имаме: 16,5 милиони килограми помалку извезени количини во 2023 во споредба со 2016 7,6 милиони евра помал девизен прилив во 2023 споредено со 2016“, напиша Трипуновски.
Овоштарите велат дека намалениот извоз е резултат на целокупните состојби во земјоделство каде што трошоците на овоштарите растат, а откупните цени се ниски.