ДРОНОВИ ПРЕДИЗВИКАА ТРЕВОГА ВО ДВЕ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА НАТО Подигнати борбени авиони, жителите повикани да се засолнат
Латвија и Литванија издадоа предупредувања поради неидентификувани летала што се приближувале од правец на Русија или Белорусија. Во Литванија тревогата го опфати и Каунас, град со околу 300.000 жители.
Неидентификувани дронови предизвикаа тревога во две земји членки на НАТО, Латвија и Литванија, во текот на ноќта кон среда. Властите ги повикаа жителите во повеќе региони да побараат засолниште, додека Алијансата подигна борбени авиони за да одговори на можната воздушна закана.
Беспилотните летала се приближувале од правец на Русија или Белорусија, а предупредувањата биле издадени поради опасност од навлегување во воздушниот простор на двете земји, јави Ројтерс.
Литванскиот Национален центар за управување со кризи соопшти дека предупредувањето го опфатило и Каунас, вториот по големина град во земјата.
Околу 23 часот било прогласено жолто ниво на тревога, а предупредувања добиле и жителите на регионите Вилнус и Утена.
„Можна закана од воздух (жолта). Најдете безбедно место. Ако забележите сомнителен предмет, не му приоѓајте, туку јавете се на 112. Почекајте додека опасноста не помине“, се наведува во предупредувањето на литванските вооружени сили.
Според медиумските извештаи, аеродромот во Каунас привремено ги прекинал летовите.
Предупредувања биле издадени и во Латвија, каде што воздушна закана била регистрирана во областите Јекабпилс и Мадона.
„Ве известуваме за потенцијална закана во воздушниот простор на Латвија. Во моментов не се потребни дополнителни дејствија. Доколку ситуацијата се промени, ќе бидете известени преку мобилниот систем за рано предупредување“, соопштиле латвиските власти.
Подоцна било објавено дека опасноста во областа Мадона поминала.
Украински беспилотни летала и претходно залутувале во воздушниот простор на Финска, Естонија, Латвија и Литванија, предизвикувајќи тревога во земјите што граничат со Русија и Белорусија.
Инцидентите се зачестија во период кога Украина изведува напади со дронови врз руските нафтени пристаништа на Балтичкото Море. Дел од леталата отстапуваат од предвидените рути.
Москва го обвинува Киев дека го користи воздушниот простор на членките на НАТО за прикривање напади врз руска територија. Украина, пак, тврди дека руското електронско попречување ги пренасочува нејзините беспилотни летала.
Во средата и Финска воведе привремени ограничувања во воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив, како превентивна мерка против можни дронови.