КУЌАТА НА МИЦКОСКИ ОД 1 МИЛИОН ЕВРА СЕПАК Е ИЗМИСЛИЦА Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја доби тужбата за клевета, но се откажа од оштетното побарување
Порталот Бриф изнел невистинити факти за тужителот, со што се повредени честа и угледот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Медиумот ја објави пресудата, а Христијан Мицкоски го повлече барањето да му се плати паричен надомест поради нематеријална штета за сторена клевета во износ од 60.000 денари.
Порталот Бриф објави пресуда според која медиумот лажел и клеветел кога објавувал дезинформации за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Медиумот на 26 февруари минатата година објавил текст со наслов „Мицкоски купил и реновирал куќа во Козле вредна еден милион евра“. Според пресудата, порталот изнел невистинити факти за тужителот, со што ја повредиле честа и угледот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Порталот е задолжен да ја објави пресудата и во еден од дневните весници, додека, пак, тужителот Мицкоски го повлече барањето да му се плати паричен надомест поради нематеријална штета за сторена клевета во износ од 60.000 денари.
Целата пресуда е објавена на Бриф.
Пресуда за клевета за истата работа има и против Џабир Дерала, главен и одговорен уредник на порталот НоваТв, каде што на 26 февруари минатата година бил објавен текст со наслов: „Мицкоски купил и реновирал куќа во козле вредна еден милион евра“.
И во овој случај, како и во претходниот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се откажува од оштетното побарување.
Мицкоски неодамна потенцираше дека неколку пати добил пресуди за ширење на лажни вести, клеветење и невистини во, како што рече, црната кампања која СДСМ ја води против него.
– Докажано е дека од Бриф лажеа и апсолутно ширеа невистини. Лажеа и кога еден вицепремиер од владата преку еден негов медиум правеше прилог пред куќата која ниту е моја, ниту вреди милион евра. На оваа и на милион други лаги, како онаа дека наводно сум поседувал куќа во Црна Гора, дека сум имал не знам какви бизниси и хидроцентрали, единствено гледам како на очаен обид да се деградира мојата личност и да се дефокусира вниманието од нивната неспособност. Колку тие се по злобни во лагите толку јас сум помотивиран да ги поразимиме, смениме и да ја изградиме Македонија. Важно е да создадеме квалитетно општество базирано на принципи, вредности и морал. Важно е да има одговорност и да донесеме иднина – рече неодамна Мицкоски.