ДВОЈНИТЕ ИЗБОРИ ВО МАЈ ЌЕ БИДАТ ВСУШНОСТ – ТРОЈНИ? Скопјани преку референдум ќе ја менуваат Данела Арсовска

Освен тоа што сакаме да распишеме референдум за смена на скопската градоначалничка, сакаме да иницираме и промена на Законот за локална самоуправа, кој до 1996 година нудел можност за отповикување на градоначалник. Но, со измените што се направени во 2002 година таквата одредба е отстранета, па градоначалникот може да биде сменет само ако е фатен во вршење кривично дело или ако настапи смрт, изјави за Плусинфо претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

3,925

Големи се шансите на 8 мај идната година, за кога е планирано да се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори, скопјани да добијат и трето гласачко ливче на кое ќе треба да го дадат својот одговор на референдумското прашање кое ќе се однесува за разрешување на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска.

Иницијатива за одржување референдум со цел разрешување на скопската градоначалничка веќе започна партијата ЛДП, а како што ни изјави претседателката на партијата Моника Зајкова, целта е референдумот да се одржи заедно со парламентарните и со претседателските избори за да се одбегне дополнителен трошок.






ЛДП наскоро ќе се обиде да собере околу 46.000 потписи од граѓани – толку се потребни за распишување референдум – 10% од вкупниот број гласачи во Град Скопје.

Експертите со коишто разговараше Плусинфо, пак, велат дека дури и да не успее идејата за референдумско изјаснување, сепак постои можност Владата да ѝ ги одземе ингеренциите на градоначалничката и практично да ѝ ги „врзе“ рацете кога се работи за носење важни одлуки кои би можеле да бидат штетни за поголемиот дел од жителите на Скопје.

Постапката е веќе започната

Претседателката на ЛДП Моника Зајкова во разговор за Плусинфо рече дека идејата е да се распише референдум за смена на скопската градоначалничка токму на денот кога ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори на 8 мај догодина.

Нашата цел е референдумот да се одржи заедно со вториот круг од претседателските и првиот круг од парламентарните избори, бидејќи на тој начин би се заштедиле пари.

Моника Зајкова ЛДП

– Освен тоа што сакаме да распишеме референдум за смена на скопската градоначалничка, сакаме да иницираме и промена на Законот за локална самоуправа, кој до 1996 година нудел можност за отповикување на градоначалник. Но, со измените што се направени во 2002 година таквата одредба е отстранета, па градоначалникот може да биде сменет само ако е фатен во вршење кривично дело или ако настапи смрт. Па така, во ситуација кога еден градоначалник воопшто не се занимава со општината, како што е случајот со Град Скопје и со Данела Арсовска, ние немаме основа како да побараме одговорност. Наскоро ќе почнеме со собирање потписи за распишување референдум. Откако ќе ги собереме потписите, потребно е да ги доставиме до Собранието, па да чекаме одлука од Собранието дали може да се распише референдум. Таква е процедурата, но постапката секако ќе заврши за неколку месеци – изјави Зајкова.

Добро би било референдумот да се одржи заедно со изборите во мај идната година, додаде таа.

– Нашата цел е референдумот да се одржи заедно со вториот круг од претседателските и првиот круг од парламентарните избори, бидејќи на тој начин би се заштедиле пари. Има шанси да стигнеме навреме, бидејќи Собранието ќе се распушти дури во февруари идната година. Во Полска на пример, кога се одржуваа парламентарни избори, имаше дури 4 референдумски прашања. Така сакаме да биде и кај нас – ни изјави Зајкова.

Во однос на досегашната работа на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, претседателката на ЛДП вели дека памети поубаво Скопје.

– Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град. Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и кој се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. На европско тло досега се спроведени неколку постапки за отповикување на градоначалници, како примерот со Хана Гронкиевич Валц која беше градоначалничка на Варшава. Исто така, се одржал локален референдум за отповикување на градоначалникот на Кишенев, а во 2015 година, по предлог на тогашниот британски премиер Девид Камерон, во Парламентот се усвоил механизмот за отповикување во Обединетото Кралство. Воедно и Петер Фелдман, контроверзниот градоначалник на германскиот финансиски центар Франкфурт, преку граѓански референдум бил сменет од функцијата – вели Зајкова.

Одземање на ингеренциите

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не верува дека има време до мај идната година да биде спроведен референдум за разрешување на скопската градоначалничка од функцијата, но затоа, пак, тој смета дека наједноставното и најбезболно решение е Владата да ѝ одземе голем дел од ингеренциите на Арсовска.

– Не верувам дека ќе има референдум или дека ќе се организираат посебни скопски избори за смена на актуелната градоначалничка Данела Арсовска. Но, наједноставното решение е да ѝ се одземат ингеренциите поради лошо владеење со градот. Ние досега неколкупати сме биле сведоци на такви случаи, па многу лесно може да се случи истата судбина да ја снајде и Данела. На тој начин таа ќе си остане градоначалничка до крајот на својот мандат, но практично ќе ѝ бидат врзани рацете и нема да има право да носи важни одлуки за градот. Нејзините ингеренции би ги презела Владата или Министерството за локална самоуправа. Секако, причините за нејзиното одземање на ингеренциите се очигледното несоодветно менаџирање со институциите, ставањето на ЈСП во огромни долгови, создавањето голем долг кон приватните превозници и практично оставајќи го главниот град без градски превоз – објаснува Пекевски.

Откако ќе ѝ бидат одземени ингеренциите, додава тој, може да се потегне постапка за нејзино разрешување, секако, доколку се докаже дека направила кривично дело во време на својот мандат.

– А кога ќе се сетиме на сите нејзини наредби за разрешување на директори на јавни претпријатија, кога ќе се сетиме на „рачињата во медот“, за стопирањето на тендери за прочистителни станици, можеби и ќе се најде причина за нејзино кривично гонење, што во превод би значело разрешување – вели Пекевски.

Не постои импичмент за градоначалник

Постојат само две категории лица во нашава таканаречена држава кои се недопирливи – тоа се градоначаник и пратеник.

Борче Давитковски Професор

Во нашиот политички систем, само Господ може да смени градоначалник. Ова за Плусинфо неодамна го изјави Борче Давитковски, професор по административно право и јавна администрација на Институтот за правно-политички науки, на прашање дали во нашиот систем постои законска можност за отповикување градоначалник од функцијата.

– Никаква. Само Господ може да го земе. Само ако направи кривично дело, да биде осуден на ефективна казна затвор повеќе од шест месеци. Ниту има импичмент за градоначалник. Знаете, има можност за импичмент за претседател на државата, со двотретинско мнозинство во Парламентот, потврдена потоа од Уставниот суд. Значи, постојат само две категории лица во нашава таканаречена држава кои се недопирливи – тоа се градоначаник и пратеник. Ако сами не си дадат оставка, никој не може да ги смени од функција – изјави Давитковски.

Според Законот за локална самоуправа, мандатот на градоначалникот му престанува по сила на закон ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно Законот за локални избори, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

Тој е кагегоричен дека градоначаник тешко е да се смени „екс леге“, зашто дури и да му биде поднесена кривична пријава, како што вели, „со нашево судство може да му поминат три мандата додека биде осуден“.

– Има 20 години како зборувам, еве точно во 2002 се донесе Законот за локална самоуправа, дека нема логика да можете да разрешите претседател на државата, а некој градоначаник на Кукуречани, Новаци или било која општина, да не можете да го разрешите, со никаква иницијатива, ниту со референдум, никој со ништо да не може да го разреши. Тоа е за жал вистината – вели професор Давитковски.

Шилегов предлага скопски избори во мај

Поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов смета дека Скопје се наоѓа во процес на целосна девастација и побара градоначалничката Данела Арсовска да поднесе оставка.

„Почитувана Арсовска, заминете си! Поднесете оставка!  Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно, Градот, Ви се случи. Непланирано. Без визија и план што би работеле. Со сите мои и наши (партиски, политички и граѓански) грешки кои придонесоа за тоа“, напиша Шилегов на Фејсбук.

Шилегов предлага на пролет да има избори и во Скопје.

„Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот во кој што сите живееме. За душегрижниците: немам намера, ниту жал, носталгија за функција. Адвокат сум, но живеам во Скопје и го сакам овој град. И како граѓанин мислам дека овде ништо не е е во ред! За надворешните, а богами и внатрешните душмани: функцијата не го прави човекот. Напротив! Човекот ја прави функцијата“, напиша Шилегов на Фејсбук. 

Поврзани содржини