Ороспијата од Вавилон
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за причините поради кои во таа 1998 година се потсетил на песната во која Европа се нарекува „Вавилонска блудница“. На моменти се чини како овој текст вчера да е напишан...
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 4 февруари 1998 година)
Пред пет-шест години, во својство на претседател на Лигата за демократија, се согласив да проговорам нешто за „македонските работи“ за една германска телевизиска куќа (АРД, ако не се лажам). 3наев дека Германците се внимателни, педантни луѓе, кои неверојатно одговорно се однесуваат спрема тоа што го работат, па сепак, бев изненаден од информираноста на дамата што пред ТВ-камерите го водеше разговорот кога ми го постави прашањето со кое почнавме:
– Господине професоре, вие неодамна изјавивте дека Европа е курва…
Морам да признаам дека не ми беше пријатно што дамата го знае тоа што некаде навистина го бев рекол. „Да госпоѓо, го реков тоа како цитат“, гласеше мојот одговор. Потоа (не премногу опширно) и ја раскажав приказната за цитатот.
Ѝ ја раскажав тажната приказна за Илинденското востание од 1903 година, кога Европа не мрдна со прст за да му помогне на македонскиот народ. Востанието беше задушено во крв, а македонскиот народ, кој сè уште немаше литературен јазик (ни книги, весници, списанија), го кажа тоа што го мислеше и чувствуваше за Европа преку песна. А таа песна ја нарекуваше Европа – „Вавилонска блудница“. Потем помина речиси цел еден век. Југославија се распадна без вина на Македонија. Европа уште еднаш се најде во небрано, не знаејќи што да прави. И, како што веќе вообичаено се прави во такви прилики, таа ја создаде Арбитражната комисија на чело со некогашниот претседател на Уставниот суд на Франција, г. Бадентер, а во која беше член и сегашниот претседател на Сојузна Република Германија, г. Херцог, со тврда беса дека ќе го почитува нејзиниот суд. (Впрочем, за тоа и се прават арбитражните комисии!). Комисијата на г. Бадентер пресуди дека Југославија се распаднала, а од поранешните југословенски републики само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите да бидат признаени како суверени држави.
Европа уште еднаш го покажа своето лице: таа е за почитување на правото, таа е за почитување на договорите, таа е за почитување на арбитражите, но само кога е таа во прашање. Сето тоа, едноставно, не ја здолжуваше кога беше во прашање Балканот. И таа реши: да ги признае на две на три „своите“ (средноевропски) земји – Словенија и Хрватска, но не и Македонија.
Тие денови, на скопските ѕидови се појави графитот „ЕЗ – курва!“. Така, омиленото изразно средство на младата генерација (која веќе не ги знае тажните поилинденски народни песни) го искажа истиот суд за Европа како и анонимниот народен творец по 1903.: „Е(uropaiche) G(emeinschaft) – Dirne!“ „Тоа беше, како што гледате, госпоѓо, цитат со кој јас лично сосема се согласувам!“ Што зборувавме понатаму веќе не се сеќавам, а не е ни важно.
На тој дел од разговорот, меѓутоа, се сетив деновиве…
Целата колумна од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.