ШТО ПРЕДВИДУВА НАРОДНА БАНКА? Годинава раст од 1,9%, а следната може да се достигне 3%

Според гувернерката на Народна банка, клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување, и на краток, и на среден рок, и натаму се неповолни.

47

Годинава ќе ја завршиме со раст од 1,9% и инфлација од 9,5%, истакна гувернерката на Народната банка (НБ) Анита Ангеловска Бежоска при денешната презентација на Кварталниот извештај со есенските макроекономски проекции на централната банка.

За наредната година, како што кажа на денешната прес-конференција, НБ предвидува раст од 3% и инфлација од 3,5 до 4%, а на среден рок за 2025 и 2026 година се предвидува раст од 4% и инфлација од околу 2%.






-а- рече Ангеловска Бежоска.

Како што истакна, макроекономската слика за периодот 2023 ‒ 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април.

-Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања – посочи Ангеловска Бежоска.

Таа нагласи дека се очекува во 2023 година економскиот раст умерено да забави и да се сведе на 1,9%, додека, како што кажа, со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до 3% во 2024 година.

На среден рок, додаде, се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4%, под услов да нема позначителни шокови.

-Во поглед на  структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните 2 години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции – посочи Ангеловска Бежоска.

Инфлацијата, како што рече, и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2%.

-Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5%. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7 отсто. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација кој за целата 2023 година  би изнесувала околу 9,5%. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 до 4% во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2% – појасни Ангеловска Бежоска.

Последните оценки за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период.

-Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7%, додека со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на растот на кредитната активност за периодот од 2024 до 2026 година на 6,9%, во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година, се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4%, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите што во просек би изнесувал 7,8% во периодот од 2024 до 2026 година, исто како во априлската проекција – рече Ангеловска Бежоска.

Таа оцени дека октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските, посебно кај тековната сметка, како резултат на помалите увозни притисоци.

-За 2023 година дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2% од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти, во услови кога се уште има високи залихи од претходната година. За 2024 година, се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, кој би изнесувал 2,4% од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери – посочи Ангеловска Бежоска.

На среден рок се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година што е близу до претпандемиското ниво.

-Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс – рече Ангеловска Бежоска.

Поврзани содржини