ИРЛ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА БИДЕ ЗАМОЛЧЕНА Маја Јовановска е новинарката посочена во реакцијата на Фероинвест
Јовановска вели дека адвокатот на Кочо Анѓушев барал да ја отстранат од судницата.
„Лицето од ИРЛ кое вчера беше на судењето бев јас. Новинар сум од 1999 година и така и се легитимирав пред судијката. Секој професионален новинар сториите кои ги работи ги следи од почеток до крај. Така и ИРЛ истражувањето за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој изгореа 14 луѓе го следи и натаму и не заврши само со документарниот филм ‘Убиство во Тетово’. Можеби господинот Кочо Анѓушев мислеше дека со тужба за клевета ќе ги замолчи новинарите на ИРЛ и натаму да известуваат за последиците од сомнителните тендери, но тоа нема да се случи”, напиша на Фејсбук новинарката Маја Јовановска.
Таа најави дека „за квалификациите, навредите и клеветите во ова соопштение ќе има правни последици”.
Јовановска вели дека соопштението од „Фероинвест” доаѓа после денешниот текст на ИРЛ од рочиштето, на кое адвокатот на Анѓушев барал да ја отстранат од судницата.