ФИРМАТА ИЗБРАНА ОД МНР НАЈЕВТИНА НА ТЕНДЕРИТЕ, НАЈДАРЕЖЛИВА ВО ДОНАЦИИТЕ!? Опозицијата бара надлежните да ги истражат врските на Еуровиа и ДУИ

Од Елмедин Адеми, сопственикот на Еуровиа, ДУИ добила донација од 2.500.000 денари, што е три пати над законскиот лимит за донација од физичко лице, а воедно Еуровиа како правно лице, на ДУИ има донирано 1.800.000 денари, во 2022 година.

208

Фирмата Еуровиа ДООЕЛ, на кјоја Бујар Османи, како министер за надворешни работи ќе ѝ исплати 1,8 милиони евра, пари на граѓаните, за преадаптирање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, е поврзана со ДУИ на повеќе начини и е голем донатор на партијата, така што ирелевантни се тврдењата на Османи дека на тендер ја избрал најповолната понуда – изјави денеска на прес конференција Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Сопственик на Еуровиа ДООЕЛ е фирмата Еуровиа Холдинг, во која освен Елмедин, како сопственик се води и Елдин Адеми, прв човек на огранокот на ДУИ, во Јегуновце.






Истата оваа фирма Еуровиа, која е на Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер на ДУИ, Абдулаќим Адеми, добила други тендери во вредност од два милиони евра, еден за изградба на новата полициска станица во Аеродром, вториот за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза”.

Понатаму, доста интересен е фактот што токму оваа фирма се јавува како најголем донатор на ДУИ. Имено, од страна на Елмедин Адеми како донација ДУИ добила 2.500.000 денари, што е три пати над законскиот лимит за донација од физичко лице, а воедно Еуровиа како правно лице, на ДУИ има донирано 1.800.000 денари, во 2022 година.

Овие сознанија отвараат сомнеж за сериозна злоупотреба на службената положба. Во интерес на јавноста Бујар Османи е должен да ја презентира пред јавноста целокупната тендерска документација, да одговори по кои критериуми е направен тендерот и е избрана токму оваа фирма и кои се обврските и услугите кои треба да ги преземе фирмата за тендер во вредност од 1,8 милиони евра – рече Митева на прес конференцијата.

Таа рече дека е свесна дека епилогот и за ова како и за сите други афери поврзани со ДУИ ќе виде без никаква разрешница, ниту покрената постапка од ЈО, затоа што, како што рече, токму власта на СДС и на ДУИ е таа која ова го овозможува, а потоа не го санкционира туку го штити.

– Османи и ДУИ треба да бидат свесни дека ваквите сомнителни тендери ќе бидат први за ревизија и одговорност ќе има – рече Митева.

По нејзината прес конференција Министерството за надворешни работи повтори дека изборот за изведувач при адаптацијата на салата Борис Трајковски за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ бил направен според критериумот „најниска цена“.

„Со оглед на пристигнатите понуди, Министерството имаше обврска да ја одбере најевтината понуда, и од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:

Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач), пред второрангираната понуда која изнесувала 120.668.981 денари, треторангирана – 134.015.461 денари и четврторангираната – 374.353.297 денари.

Според МНР, целта на обвинувањата е прво, да се фрли дамка врз најголемиот надворешно политички настан во земјава од нејзиното осамостојување – Министерскиот состанок на ОБСЕ во декември, и второ, да се стекнат политички поени.

„Уште еднаш посочуваме дека сме отворени за сите институции од интерес да остварат увид во документацијата и уште еднаш да ги ревидираат сите активности во рамките на постапката со цел да се отфрлат сите можности за шпекулации околу нејзината исправност“ – се вели во соопштението на МНР.

Поврзани содржини