АКО БУКНЕ КОРОНАТА, ТОГАШ ЌЕ МУ ЈА МИСЛАТ Нема резерви од лекот „паксловид“, а за набавка ќе се чека 5 до 12
Епидемиологот д-р Драган Даниловски за Плусинфо вели дека во моментов нема покачување на бројот на регистрирани случаи на ковид кај нас. Спорадично се јавува по некоја настинка без да се знае кој е причинителот, но граѓаните не бараат лекарска помош поради тоа.
Пред нас е сезоната на респираторни инфекции, меѓу кои спаѓа и ковидот, но Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести во моментов не гледаат причина навреме да го набават лекот „паксловид“ кој во светски рамки се покажа како многу ефикасен во битката со коронавирусот.
Епидемиологот д-р Драган Даниловски за Плусинфо изјави дека во моментов нема зголемување на бројот на регистрирани случаи на ковид кај нас. Спорадично се јавува по некоја настинка без да се знае кој е причинителот, но граѓаните не бараат лекарска помош поради тоа.
Претходно „ерис“, а сега и „пирола“ се новите соеви на ковид-19 кои се појавија во неколку земји во светот, меѓу кои е и Грција, каде што летово има голем број македонски туристи.
– Но, ни претстои сезоната на респираторни зарази и ковидот меѓу нив. Имајќи предвид дека се појавија два нови соеви на корона во светот, мудро е да бидеме подготвени. Но, не веќе поради ризици по општата популација. Короната веќе никогаш не може да претставува глобална закана! Овој пат, да бидеме подготвени за заштита на најризичните поединци. „Паксловидот“ е наменет само за оние (се дава што побрзо, најдоцна пет дена по првите симптоми) со високи ризици да завршат со тешки симптоми или да имаат фатален крај. Тоа се сите со хронични болести и во многу напредната возраст. Лекот би бил спас за нив. Зашто, постоечките вакцини нема да штитат од заразување со новите соеви ако воопшто дојдат кај нас – вели д-р Даниловски.
Тој посочува дека лекот треба да биде благовремено достапен за граѓаните.
– За негова набавка потребна е процедура – значи, треба време. Затоа, со мојот ФБ статус прашав јавно уште сега, летово, воочи ладните месеци: „Паксловид имаме?“ Инаку, лекот е одобрен во Европската Унија уште на 28 јануари 2022 година. Србија го набави десетина дена подоцна – вели епидемиологот.
Даниловски информира дека од заразување со сега присутните соеви, заштитата на вакцинираните лица е 3 до 6 месеци.
– Но, од новите соеви (ерис или пирола – ако воопшто дојдат кај нас) заштита нема, зашто тие го заобиколуваат претходно стекнатиот имунитет (т.н. хуморален). Но, оној длабокиот, клеточниот имунитет трае веројатно неколку години. А токму тој штити од потешки симптоми. Лекот „паксловид“ е наменет за нагласено ризични поединци, пред сѐ, многу стари лица и оние со хронични болести, како што се дијабетес, малигни неоплазми, имунодефицитарни состојби… Значи, денес постои можност за избор за тие лица: да примаат редовно бустер дози на вакцини или да се лекуваат со „паксловид“ во случај да се заразат, арно ама лекот го нема! – вели епидемиологот Даниловски.
Од Комисијата за заразни болести за Плусинфо велат дека во континуитет се следи состојбата со новата варијанта на ковид и согласно стручните проценки ќе биде предложено преземање соодветни чекори за превенција и третман на ова заболување.
– Во зависност од актуелната состојба, ќе бидат разгледувани и потребите од обезбедување терапија за новата варијанта на ковид. Исто така, од страна на Комисијата ќе се разгледа потребата од нови вакцини, согласно меѓународните препораки и епидемиолошките показатели на новиот тип вирус, согласно препораките на ECDC – велат од Комисијата.
Лекот „паксловид“ (Paxlovid) на производителот „Фајзер“ важи за најсовремен лек против коронавирусот. Европската агенција за лекови на крајот на јануари 2022 година ја одобри антиковид-пилулата на „Фајзер“, која всушност е прв орален антивирусен лек против оваа болест одобрен од Европската Унија (ЕУ) кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.
– „Паксловид“ е антивирусен лек што содржи две компоненти – „ритонавир“ и „нирматрелвир“ и наменет е за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Се препорачува употребата на лекот да почне во првите пет дена по појавата на симптомите – се наведува во соопштението по одобрувањето на лекот.