МАФИЈАШКА ПРЕСМЕТКА ВО АПАРТМАН ОД 600 ЕВРА ДНЕВНО Нови детали за убиството на Орхан Бајрами во Ханиоти
Грчката полиција не ја исклучува можноста убијците да се од Македонија и дека точно знаеле дека лицата по кои тргнале да ги ликвидираат, денеска требало да го напуштат луксузниот апартман на Халкидики.
Грчката полиција трага по двете лица кои утрово отворија оган во луксузен апартман во Ханиоти на Халкидики, при што беше убиен 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а ранет беше 45-годишниот Сеад Слезовиќ кој е прнесен во болницата во Полигирос.
Грчките медиуми пишуваат дека на местото на убиството биле пронајдени 19 чаури и еден куршум и дека првичните сознанија укажуваат на мафијашка пресметка.
Непознатите лица по кои трага полицијата се товарат за убиство, обид за убиство и прекршување на законот за оружје.
Според извори од грчката полиција, во изнајмен апартман во Сани Вилас во Ханиоти се наоѓале пет лица на возраст од 19 до 45 години, сите од Северна Македонија, а непознатите сторители смртно го раниле 39-годишниот, додека пак 45-годишниот бил повреден во десниот дел на градниот кош.
Водачот на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами-Оки кој беше застрелан во Ханиоти, заедно со лицата со кои бил во Грција требало да се вратат во Македонија вчера, но останале уште еден ден плус бидејќи полицијата пред неколку дена им ги земала регистерските таблици, дознава „Фокус“.
Грчката полиција не ја исклучува можноста убијците да се од Македонија и дека точно знаеле дека лицата по кои тргнале да ги ликвидираат, денеска требало да го напуштат луксузниот апартман, кој според некои грчки медиуми, чинел 600 евра на ден.
На граничните премини е засилена контролата зашто се верува дека криминалците веднаш тргнале да ја напуштат Грција, иако не се исклучува можноста дека тие влегле и излегле на нелегално место на границата.
Егзекуцијата на Орхан Бајрами-Оки, според Алсат, е последната нерасчистена пресметка меѓу два скопски клана во подземјето, кои повремено имаат меѓусебни престрелки и напади во Скопје. Очигледно е дека пресметките сега се одвиваат и во други земји, како што тоа беше неодамна кога припадник на подземјето, Блерим Даци од Чаир, беше изрешетан во својот автомобил во Приштина од возило во движење кое потоа било најдено запалено за да се сокријат трагите.
На сето тоа му претходеше мафијашката ликвидација во Шиша бар во Скопската чаршија во која беа убиени Јетон Кривањева – Жила, и Енес Исени, откако во барот влегоа маскирани лица кои се претставиле како полицајци по што од автоматко оружје истрелале десетици проектили.
Ниту едно од овие убиства не е расчистено до крај, ниту пак се фатени сторителите.
ШТО БАРА УБИЕНИОТ ОКИ НА ФОТОГРАФИЈА СО ПЕНДАРОВСКИ? Од кабинетот велат дека сè е случајно
ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ЗАСТРЕЛАНИ ВО ХАНИОТИ Едниот веднаш починал, другиот е хоспитализиран