СТУДЕНТИТЕ ОСТАВЕНИ И БЕЗ ОБРОК И БЕЗ СТИПЕНДИИ Оставени на немилост на неспособното министерство, обвинува Левица
Иако Министерството за образование и наука (МОН) вети дека најдоцна до 31.01.2023 година на студентите ќе им ги исплати средствата за студентски оброк со задоцнување од триесеттина дена, сепак денеска илјадници студенти повторно останаа без средствата кои им следуваат за да го остварат правото на студентски субвенциониран оброк, а веќе утре треба да почне исплатата на студентскиот оброк за месец јануари.
Партијата Левица реагира и на фактот што МОН со месеци доцни и со исплатата на студентските стипендии.
„Во услови на тешка економска криза, едни од најранливите категории – студентите, се оставени на немилост од страна на неспособното Министерство за образование и наука, со кое раководи ДУИ. И покрај тоа што студентскиот стандард на студентите е катастрофален, земајќи ја предвид и ситуацијата во студентските домови, каде што сé уште условите се мизерни, антикризните мерки не се укинати, а реновирањето воопшто не е започнато, сега студентите практично се соочени со да останат без стандард воопшто“, се вели во соопштението на партијата.
Левица тврди дека „со ова уште еднаш се докажува фактот дека криминалното ДУИ остава пустош во секој ресор и секоја сфера со која раководи“ и бара оставка од министерот Јетон Шаќири.