КОНТРОВЕРЗЕН УКРАИНСКИ ПОЛИТИЧАР „ЌУТЕНКАТА“ ДОБИЛ МАКЕДОНСКИ ПАСОШ Украина го гони за перење пари, а САД го бараат „и под дрво и под камен“

Како што наведува Призма во својата истражувачка сторија, името на Онишченко на украинската политичка сцена се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако Антикорупциската комисија отворила истрага за него за перење пари и корупција.

487

Лошиот политички имиџ на Украинецот Олександр Онишченко за кого има распишана потерница од Украина поради финансиски малверзации, а и Вашингтон го стави на листата под санкции бидејќи бил „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“, не бил пречка за македонската влада, без дискусија на присутните, на седница одржана на 31 мај 2022 година да му даде македонско државјанство, пишува Призма.

Како што наведува Призма во својата истражувачка сторија, името на Онишченко на украинската политичка сцена се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако Антикорупциската комисија отворила истрага за него за перење пари и корупција. Таа иста година тој ја напуштил својата татковина и побегнал во Шпанија, но по само три години, во 2019 година, Шпанија решава да го екстрадира во Украина, па тој е принуден да побегне во Германија. Во 2020 година Германија одбива да го екстрадира во Украина, а во 2021 година САД го ставаат под санкции поради мешање во американските избори. Истата таа година Онишченко поднесува документи за да добие македонски документи, а веќе во мајк 2022 година, Владата на Република Македонија му доделува македонско државјанство.






Па така, тој последен вторник во мај, ден на кој вообичаено заседава Владата, седницата напладне ја отвора премиерот Димитар Ковачевски. Трае околу два часа, а вечерта до јавноста стигнува владиното соопштение. Во него се наведува дека министрите и премиерот одлучиле да се прошири опфатот на корисници на субвенции на земјоделците и донеле други мерки.

Името на Онишченко, во кратките вести на медиумите за владината седница од тој ден го нема. Но, го има во записникот од седницата што подоцна e објавен и се наоѓа на владината интернет-страница.

Во него се наведува: „Владата го разгледа Барањето на Олександр Онишченко, за прием во државјанство на Република Северна Македонија“ и „утврди позитивно мислење по барањето, имајќи го предвид позитивното мислење на Агенцијата за млади и спорт“.

Уште поинтересно е тоа што 5 месеци откако го добива македонското државјанство, тој настапува под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе. Видеото од натпреварот го објавува на својот Инстаграм-профил на 15 октомври.

Профилот сведочи за гламурозниот живот на новиот македонски државјанин, кој често патува од Монте Карло до Обединетите Арапски Емирати и до други познати европски туристички дестинации.

Често друштво, судејќи според фотографиите на Инстаграм, му се познати личности од светскиот џет-сет. Прегрнат со шпанскиот тенисер Рафаел Надал, тој му ја честита четиринаесеттата победа на Роланд Гарос, а под описот „времиња за паметење“ објавува фотографија со актерката од серијата „Очајни домаќинки“, Ева Лонгорија и со нејзиниот поранешен сопруг, кошаркарот од НБА-лигата, Тони Паркер.

Поврзани содржини