ЦЕЛОТО БОГАТСТВО НА ИЛОН МАСК НЕ МОЖЕ ДА ЈА ОБНОВИ УКРАИНА Потребни се 350 милијарди, Зеленски вели доволни се и 17
Нема време за губење бидејќи Украина претрпе огромно уништување, а Светската банка ја проценува штетата на 350 милијарди долари, истакна Фон дер Лајен на конференцијата за обнова на Украина.
Неверојатни 350 милијарди долари ќе бидат потребни за целосно да се санира штетата од војната во Украина и земјата, проценува Светска Банка. Тоа е повеќе од 228 милијарди колку што во моментот тежи најбогатиот човек во светот, Илон Маск. Но, за една брза обнова, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, доволни се 17 милијарди.
Зеленски на видео-линк зборуваше на денешната пресконференција во Берлин каде се зборува за „новиот Маршалов план“ за кревање на земјата од урнатините. Шефицата на Европската комисија Урсула фон дел Лајен вели дека нема време за губење.
– Нема време за губење бидејќи Украина претрпе огромно уништување, а Светската банка ја проценува штетата на 350 милијарди долари – истакна таа на конференцијата за обнова на Украина.
Денеска се случува и самитот на Кримската платформата во Загреб. Зеленски таму изјави дека украинското знаме над Крим пак ќе се вее. На самитот беше нагласено дека САД досега испратиле повеќе од 60 милијарди долари хуманитарна помош.
Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, на самитот изјави дека САД ќе го поддржуваат Киев сѐ додека не се постигне победа. Пелоси ја обвини Русија дека „нападите врз цивилната инфраструктура се воени злосторства” и нагласи дека санкциите против Русија треба да продолжат.
Украина е исправена, според зборовите на Володимир Зеленски, пред најтешката зима во историјата. Третина од енергетската мрежа во земјата е уништена, а најавени се рестрикции на струјата. Многу украински градови се во мрак.
Зеленски денеска нагласи дека особено итни се инвестициите во болниците, училишта, транспортните патишта и во друга витална инфраструктура. Тој рече дека за ребалансот на буџетот на Украина за идната година ќе требаат 38 милијадри долари.