НАЈДОБРИТЕ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Еве кои се сите нови засилувања на лекарскиот дрим-тим

Покрај Арсовски, Ставридис и Димитров од „Ре-Медика“, чии имиња веќе се објавени, во екипата на нашата најпрестижна болница се приклучуваат трауматологот Кафтанџиев како нов медицински директор, радиолозите Ѓорески и Лазареска и други.

8,451

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со гордост најавува дека во нејзиниот тим лекари во идниот период се приклучуваат неколку врвни имиња на македонската медицина, покрај уролозите Ставридис и Мицковски, торокалниот хирург Арсовски и гинеколозите Димитров и Ристески, чии имиња веќе се обелоденети.

Во лекарскиот дрим-тим ќе „заигра“ и проф. д-р Игор Кафтанџиев, специјалист по трауматологија, кој доаѓа на позицијата медицински директор на нашата најпрестижна приватна клиничка болница.






Проф.д-р Игор Кафтанџиев ќе биде новиот медицински директор на „Аџибадем Систина“

 

Силно засилување на Одделот за радиологија

Во областа на интервентната радиологија ќе се приклучи интервентниот радиолог  д-р Александар Ѓорески, кој ќе биде шеф на Одделот радиологија. Д-р Ѓорески се занимава со васкуларна и неваскуларна интервентна радиологија со посебен интерес во третман на онколошки пациенти, аблација и хемоемболизација на тумори.

Во неговиот тим ќе биде и д-р Менка Лазареска, специјалист интервентен неврорадиолог, со над 15-годишно искуство во оваа област. Поле на нејзин интерес се напредните техники на магнет, третман на акутен исхемичен удар, емболизации на мозочни аневризми, третман на васкуларни тумори на глава и врат.

Веќе е објавено дека лекарскиот дрим-тим во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се засили со три нови познати имиња. Станува збор за тројца лекари кои во минатата недела направија трансфер од „Ре-Медика“ во нашата водечка приватна здравствена установа.

Тимот уролози лидери во регионот

Прв нога повлече специјалист по урологија проф. д-р Сотир Ставридис, кој до скоро беше ѕвезда на државната Клиника на урологија, а во „Ре-медика“ правеше дополнителни прегледи и консултации. Негова експертиза се најсложените лапароскопски и класични радикални операции, поврзани со малигните болести на урогениталниот тракт.

Покрај д-р Ставридис, Одделот за урологија е составен од еминентни лекари од земјава и од регионот, кои за пациентите со уролошки проблеми обезбедуваат високософистицирана нега. Тимот лекари се пионери во многу сложени интервенции, со што може да се каже дека Одделот за урологија е лидер во земјава, но и во регионот.

Предводник на одделот е д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија, чие поле на интерес се минимално инвазивните уролошки интервенции, ласерската урологија и микрохируршките процедури, како и  комплетен  третман при  машка неплодност. Заедно со својот тим, тој учествувал во изведувањето на најсложените лапароскопски уролошки интервенции.

Во неговиот тим меѓу последните се приклучија и д-р Владимир Којовиќ, еден од најпознатите уролози, детски хирург и микрохирург, со над дваесетгодишно искуство во урологијата и во гениталната реконструктивна хирургија.

Д-р Зоран Крстаноски, пак, е еден од најискусните уролози во Југоисточна Европа, пионер во воведување и стандардизирање на многу нови минимално инвазивни хируршки методи на овие простори во Југоисточна Европа. Во тимот се приклучи и истакнатиот проф. д-р Оливер Станков.

Долго време се зборуваше за трансферот на медицинскиот директор на „Ре-Медика“ д-р Андреја Арсовски, а сега веста е официјализирана. Арсовски е познат торокален хирург. Во своето 35-годишно искуство, експертиза му се најсложените интервенции на дојка, штитна жлезда, бели дробови, ѕид на градниот кош и проширени вени.

Зајакнат и Одделот за гинекологија и акушерство

Веќе се објавени две големи засилувања на Одделот за гинекологија, акушерија и стерилитет на „Аџибадем Систина“.

Првото име е д-р Глигор Димитров, кој во „Ре-Медика“ беше шеф на Одделот за гинекологија и акушерство. Д-р Димитров е искусен професионалец со над 35-годишно искуство во областа на гинекологијата, а со особен интерес и експертиза за асистираната репродукција и минимално инвазивна гинеколошка хирургија.

Второто име е д-р Младен Ристески, кој во „Аџибадем Систина“ дојде од Клиничката болница „Мајка Тереза“ во Чаир. Тој има 10-годишно работно искуство, а специјалност му е следење бременост и породување, подготовка за ин-витро фертилизација и ендоскопска хирургија.

Најсовремена опрема и врвен кадар

Во јавноста се говори дека сите овие трансфери се поврзани со шпекулациите за наводните преземања на „Ре-Медика“ од страна на семејтвото Заеви. Зоран Заев за порталот А1он ги демантирал ваквите шпекулации.  Од менаџментот на „Аџибадем Систина“ за ова велат дека и до нив допираат таквите шпекулации, но политиката на Клиничката болница не зависи од нив и од таквите евентуални потреси на пазарот на трудот.

Клиничка болница „Аџибадем Систина“ низ годините континуирано инвестира во последната генерација медицински апарати за дијагностика и третман. Со вкупна инвестиција од над 20 милиони евра во опрема, создаден е Дијагностичкиот имиџинг центар, опремен со најсовремена технологија, а последен од низата современи апарати е еден од најбрзите томографи со 512 пресеци во ротација, апаратот за компјутерска томографија, Revolution Apex CT 512-Slices.

Најсовремените апарати за дијагностика бараат врвен стручен кадар

 

– Како најголема приватна болница во земјава и референтен центар во регионот, „Аџибадем Систина“ секогаш настојува да им ja овозможи на пациентите најдобрата медицинска грижа по светски стандарди. Покрај  инвестицијата во најсовремена медицинската технологија, како врвна здравствена институција се стремиме во нашето големо семејство да ги привлечеме и da gi задржиме најдобрите здравствени работници. Во изминатиов период во нашиот тим се приклучија над 30 врвни и еминентни лекари, чиешто знаење и искуство го надополнува нашиот медицински тим и ја унапредува здравствената услуга за пациентите. Во болницата работи  тим од повеќе од 200 лекари специјалисти, а нивната експертиза надополнета со најсовремената медицинска опрема го дава најдобриот третман за секој пациент – велат од „Аџибадем Систина“ за Плусинфо.

Персоналот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во моментов брои повеќе од 1.220 лица, од кои близу 240 се лекари.

Поврзани содржини