ТИТО ПЕТКОВСКИ РАЗОЧАРАН НА ЗАМИНУВАЊЕ Создадов простор за натпревар, но Мисовски само сака да биде лидер на НСДП
Тука не станува збор за внатрепартиска демократија и натпревар со програми. Од самиот старт оваа група зазеде став дека не треба да има повеќе кандидати и дека Горан Мисовски треба да биде единствен, вели лидерот на НСДП, Тито Петковски, во гостувањето во „Утрински брифинг“.
Централниот одбор на НСДП за единствен кандидат за претседател на партијата го утврди Горан Мисовски и покрај тоа што претходно се кандидираше и генералниот секретар Кристијан Трајковски, а ваквата одлука предизвика незадоволство кај членството, па дури и кај досегашниот претседател Тито Петковски кој го напушта кормилото на НСДП.
– Јас од самиот почеток на отворањето на постапката на редовен Конгрес решив партијата да биде транпарентна, што би ја красело една демократска партија. На самиот старт со отворањето на постапката за избор на нови раководства, групата од десет членови на чело со Горан Мисовски и Соња Мираковска и сите останати функционери што се на листа на НСДП на сите државни функции, зазедоа став дека на партијата не ѝ требаат повеќе кандидати, што е спротивно на програмата на партијата – изјави во „Утрински брифинг“, Тито Петковски.
Според Петковски, пресвртот во партијата се должи на задржување на функциите и на привилегиите.
– Тука не станува збор за внатрепартиска демократија и натпревар со програми. Од самиот старт оваа група зазеде став дека не треба да има повеќе кандидати и дека Горан Мисовски треба да биде единствен – вели Петковски.