НА ЧЕШКА Ѝ СЕ ПОТРЕБНИ СОЈУЗНИЦИ КАКО МАКЕДОНИЈА Средба на Сиљановска Давкова со чешкиот вицепремиер Мацинка

Претедателката Сиљановска Давкова му укажала на Мацинска дека дводеценискиот кандидатски статус на Македонија за членство во ЕУ не произлегува од неусогласеноста со европското право и пракса, туку од блокадите на некои соседи од ирационален идентитетски карактер.

1

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, којшто престојува во официјална посета на Македонија.

Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата констатирале дека македонско-чешките односи се одликуваат со традиционално пријателство, засновано врз меѓусебна почит и разбирање. Во делото на просветителите „Св. Кирил и Методиј“ препознаваат вредно заедничко наследство со огромна обединувачка моќ.






Главна тема на разговорот бил долгиот пат на Македонија како и на Западниот Балкан кон Брисел. Сиљановска-Давкова притоа укажала дека дводеценискиот кандидатски статус за членство во ЕУ не произлегува од неусогласеноста со европското право и пракса, туку од блокадите на некои соседи од ирационален идентитетски карактер.

Таа предупредила дека европската интеграција на Западниот Балкан е не само политичко и техничко, туку и европско безбедносно прашање.

Министерот Мацинка оценил дека местото на земјата е во Европската Унија. Според него, на Чешката Република и се потребни сојузници со слично минато, менталитет и култура.

Претседателката се заблагодарила за чешката принципиелна и континуирана поддршка изразена преку иницијативата „Пријатели на проширувањето“, како и преку ангажманот на Чешката Република во рамките на Вишеградската група и форматот Славков, се додава во соопштението.

Двајцата соговорници изразиле уверување дека плодната соработка во економијата, туризмот, науката и образованието ќе продолжи, ќе се прошири и ќе зајакне.

Поврзани содржини