БЕРЛИН И ПАРИЗ ОСТРО ГИ ОСУДИЈА ПОВИЦИТЕ ЗА УБИВАЊЕ ВО ГАЗА Изјавите на министерот Бен-Гвир се неприфатливи и нехумани

Интервјуто на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој оваа недела изјави дека Израел треба „да убива по 30 или 40 луѓе секоја ноќ во Газа“, предизвика силни реакции низ арапскиот свет.

0

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најостро ги осуди изјавите на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој оваа недела изјави дека Израел треба „да убива по 30 или 40 луѓе секоја ноќ во Газа“, соопшти портпаролот на германската Влада, Себастијан Хиле.

– Мерц најостро ги осудува нехуманите повици на министерот Бен-Гвир што се спротивни на меѓународното право – изјави Хиле на редовната прес-конференција во Берлин.






Таквите ставови се неприфатливи, додаде тој.

Интервјуто на Бен-Гвир предизвика силни реакции низ арапскиот свет.

– Според мене, секоја ноќ во Газа треба да се извршуваат целни ликвидации. Ликвидирајте 30 или 40 од нив. Не само оние што во тој момент ве загрозуваат. Тоа се луѓе кои не треба да бидат живи. Бидејќи ги нарекувам „луѓе“, всушност им правам комплимент – изјави неодамна Бен-Гвир во подкаст со поранешна израелска заложничка во Газа.

Портпаролот Хиле, исто така, истакна дека Мерц со голема загриженост ги следи последните чекори на израелската Влада на Западниот Брег, особено објавувањето нов тендер за изградба на станбени објекти на окупираната територија.

– Канцеларот Мерц тоа повеќепати му го има изразено на премиерот Бенјамин Нетанјаху и во доверливи разговори и во јавни изјави – рече портпаролот.

Според Хиле, не смее да има нови мерки за анексија на Западниот Брег, ниту формални, ниту политички, ниту поврзани со изградба, ниту од каква било друга природа, кои сè поочигледно би воделе кон анексија.

– Тие чекори се спротивни на решението со две држави – заклучи тој.

И францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска, исто така, ги оцени изјавите на Бен-Гвир за Газа како неприфатливи и нехумани.

Во интервју за весникот „Монд“ за состојбата на Блискиот Исток, Баро изјави дека „тоа што денес се случува на Западниот Брег е целосно недостојно и треба да ги згрози сите“.

– Токму затоа воведовме санкции против министерот Бен-Гвир, чии неодамнешни изјави се неприфатливи и нехумани – додаде тој.

Баро притоа ја спомена и забраната за влез на француска територија што му беше изречена на израелскиот министер на 23 мај, по објавувањето видео на кое активисти од флотилата за Газа се прикажани клекнати и со врзани раце.

Францускиот министер не ја исклучи можноста за воведување дополнителни санкции против еврејските доселеници кои изминативе денови спроведоа нови акции на Западниот Брег.

– На 28 мај, по третпат воведовме европски санкции против овие доселеници. Можно е да бидат воведени нови санкции и сите опции се на маса – изјави Баро.

Освен на Итамар Бен-Гвир, од 9 јуни Париз му забрани влез на своја територија и на уште еден израелски министер од крајната десница – министерот за финансии Бецалел Смотрич, кој активно ја поддржува анексијата на Западниот Брег и отворено повикува на повторна колонизација на Газа.

Поврзани содржини