И ОФИЦИЈАЛНО, ЈОАКИМ КРЧОВСКИ СТАНА СВЕТИТЕЛ На 23 мај ќе го славиме учителот кој ја напиша првата книга на македонски јазик
Крчовски е автор на првата книга отпечатена на народен македонски јазик во 1814 година. Книгите на Јоаким Крчовски се пишувани на разбирлив јазик за секој христијанин и затоа имале верна улога во верското и во моралното просветување, рече митрополитот Кумановско-Осоговски Григориј во обраќањето во пресрет на канонизацијата.
На иницијатива на Кумановско-Осоговската епархија утринава во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка беше извршена канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител од страна на неговото блаженство г.г.Стефан со сослужување на митрополитот Кумановско-Осоговски, г.Григориј.
Со канонизацијата, Свети праведен Јоаким Крчовски, учител и просветител ќе се вброи во диптихот на светите. Oтсега чесните останки на преподобниот игумен Јоаким Крчовски ќе се сметаат како свети мошти и ќе им се оддава достојно почитување.
– Во православната црква светителите ги почитувуваме како Христови пријатели, како Божји чеда и наследници. Нивниот праведен живот овозможува тие да бидат наши застапници пред Бога, да се молат за нас и да посредуваат пред Бога за нас. Спрегата што ја постигнал и самиот игумен, Јоаким Крчовски, се опишува преку мислата дека знаењето без подвиг е филозофирање, а подвигот без знаење е идолопоклонство. Јоаким Крчовски и живеел, и проповедал, и учителствувал, и провестувал, и богослужел и бил богоугоден подвижник на самиот премин меѓу 18. и 19. век, а споменот и славата на неговиот свет живот општонародно се почитува и денес – рече митрополитот Кумановско-Осоговски Григориј во обраќањето во пресрет на канонизацијата.
Тој додаде:
– Меѓу другото, Крчовски е автор на првата книга отпечатена на народен македонски јазик во 1814 година. Книгите на Јоаким Крчовски се пишувани на разбирлив јазик за секој христијанин и затоа имале верна улога во верското и во моралното просветување.
Како датум за прославување на ликот и делото на Крчовски, Синодот го предлага 23 мај.