ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ СО БЛОКАДА НА СОБРАНИЕТО Мицкоски вели власта бега од избори
Ќе продолжиме сето тоа да го блокираме бидејќи огромно мнозинство од граѓаните во Република Македонија мислат дека оваа влада треба да замине и дека Македонија се движи во погрешна насока, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека пратениците на партијата и понатаму продолжуваат да го блокираат во Собранието, за сето она кое не се однесува на граѓаните, а тоа се повисоки плати, субвенции, повисоки пензии.
– Ќе продолжиме сето тоа да го блокираме бидејќи огромно мнозинство од граѓаните во Република Македонија мислат дека оваа влада треба да замине и дека Македонија се движи во погрешна насока како број 1, и како број 2 Ковачевски и оваа влада упорно бегаат да седнеме на маса да преговараме за дата за предвремени парламентарни избори, но и за сите актуелни прашања кои што народот ги живее секојдневно а тоа се економската криза, финансиската криза, проблемите во образованието, во здравството итн. Така што, можам да кажам дека продолжуваме во рамките на Парламентот со оваа активна блокада и со организација на големиот масовен собир бидејќи молчењето не е опција. Навистина е премногу ова што го живееме еве речиси пет години, на 1-ви јуни ќе изминат пет години откако беше првата влада на Заев избрана, навистина е премногу и затоа велиме дека треба да излеземе масовно на тој голем граѓански протестен собир на 18-ти јуни и да упатиме една порака која силно ќе одекне и која практично ќе има една цел да покаже дека време на оваа влада одамна измина, народот нема веќе верба, дека оваа влада може било што да стори и дека е време за предвремени парламентарни избори со една нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ја води Македонија напред преку патот на реформи и за подобра иднина на сите граѓани – потенцираше Мицкоски.
За изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е постигнат историски договор со СОНК во однос на платите, претседателот Мицкоски потенцираше дека за него единствено историски белег од овие преговори ќе останат уцените, заканите, омаловажувањата и понижувањата од страна на владата кон просветните работници.
– Покачувањето по мене е минимално и не е она кое што го бараше синдикатот и просветните работници – изјави Мицкоски.
Тој дополни дека со доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ќе се работи за исполнување на обврските од Колективниот договор за покачување на платите на просветните работни и работниците во детските градинки.
Тој денеска ја посети Општина Ресен, а притоа ја повика владата да го зголеми вложувањето и да ги зголеми напорите за спас на Преспанското Езеро.