МОЖЕ ВО БЕЛГРАД, НО НЕ И КАЈ НАС? Сѐ е спремно, само нема кој да го вклучи копчето за „Безбеден град“

Системот „Безбеден град“, кој е инсталиран во Скопје, Тетово и во Куманово, има можност за препознавање на луѓето по зениците, за препознавање на лажни регистерски таблички, украдени таблички или украдени возила, за брзо возење, за преминување на црвено светло на семафор.

2,351

Безбедносните камери на улиците се толку прецизни што можат да ја снимат дури и најмалата мозолка на лицето на возачот. Лесно е да се сними користење на мобилниот телефон за време на возењето, неврзаниот сигурносен појас, нерегистрираните или украдени возила, како и бегалците од полицијата. Системот „Безбеден град“, кој е инсталиран во Скопје, Тетово и во Куманово, има можност за препознавање на луѓето по зениците во очите, за препознавање на лажни регистерски таблички, украдени таблички или украдени возила, за брзо возење, за преминување на црвено светло на семафор.

За жал, и покрај тоа што го имаме овој најсовремен безбедносен систем, тој не функционира од непознати причини за јавноста иако граѓаните по секоја трагична сообраќајка бараат да се преземе нешто за да се чувствуваат побезбедни кога се движат по градските улици.

Ова прашање потворно стана актуелно по сообраќајката во која 22-годишно момче прегази 24-годишна девојка на пешачки премин кај „Сити мол“ во Скопје. Иако прашавме во Министерството за внатрешни работи што се чека за да профункционира системот „Безбеден град“, кој го најавуваа и претходниот премиер Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оттаму само молк.

– Треба да го имплементираме Safe city. Една од првите цели кои треба да ги исполни Оливер Спасовски е Safe city, тоа е наведено во писмото што го доби од мене – рече Заев за Канал 5 лани.

Придобивките од функционирањето на овој систем се големи – како финансиски поради редовното и непречено наплатување на казните од што е исклучен човечкиот фактор, така и безбедносни, поради зголемувањето на нивото на сообраќајната култура. Сега, кога работат само камерите за видео надзор на сообраќајот, дневно од Јавното обвинителство има барем по 20 побарувања на снимки за сторени сообраќајни несреќи. Иако полицијата секојдневно се фали дека спроведува зајакнати акциски контроли во целата земја за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, сепак, тоа не е мерка со која долгорочно и масовно ќе се издигне сообраќајната култура и ќе се зголеми безбедноста.

Белграѓани брзо се прилагодија на камерите

За разлика од Скопје, ваков систем веќе две години беспрекорно функционира во Белград, Србија. Надлежните во Белград велат дека воведувањето на сообраќајните камери на улиците придонело за значајно намалување на несреќите и за зголемување на општата безбедност на патиштата.






Сообраќајните камери за автоматска детекција на прекршоците во сообраќајот се еден од најефикасните начини за казнување на несовесните возачи. Нивна голема предност е во тоа што овозможуваат казните да се праќаат редовно, а со тоа нема доцнење во санкционирањето на прекршителите. Овие сложени камери функционираат во зависност од параметрите што ќе се постават. Квалитетот на снимениот видео материјал е голем, зашто овие камери имаат добра резолуција и со зумирање на снимката може да се видат и поситни детали.

Полициските камери во Белград најчесто снимаат прекршоци како што се: поминување на црвено светло на семафор, пречекорување на дозволената брзина на движење, движење во забранет правец, движење во жолта лента, која е за возила за јавниот превоз, непропуштање пешаци на пешачки премин, непочитување на сообраќајната сигнализација, неотстапување првенство на минување на другите возила, непрописно престројување, непрописно паркирање, запирање и задржување на недозволено место.

Рекордот го држи возач од Смедерево, добил дури 84 казни за 4 месеци

Кога сообраќајните камери за видео надзор ќе забележат одреден прекршок, операторот врз основа на регистарските ознаки на возилото, доаѓа до името на сопственикот и проверува дали податоците на возилото се согласуваат со снимкита кои ги направила камерата. Таа снимка, како и местото и времето на прекршокот, се печатат и му се праќаат на домашна адреса на сопственикот на возилото, кој по приемот треба да појде во Одделението за расветлување на прекршоци и да даде изјава.

Кога некое возило ќе помине покрај камерата, таа ја скенира регистарцијата и посебен софтвер ја споредува со таканаречана „црна листа“ на која се наоѓа список на сите возила на кои им истекле регистрациите. На тој начин, без никакво ангажирање на припадниците на сообраќајната полиција на улиците лесно може да се откријат сите оние кои возат нерегистрирани возила. Лани во Србија на овој начин биле фатени повеќе од 20.000 возачи. Рекордот за казни го држи возач од Смедерево кому се врачени 84 прекршочни налози, зашто за 4 месеци во 84 денови е снимен како вози нерегистриран автомобил, и на крајот морал да плати казни од вкупно 755.000 динари.

Видео надзорот во Белград е воведен пред 10 години. На вкупно 262 локации во Белград се поставени 633 сообраќајни камери, а според податоците на МВР на Србије, инсталирани се 357 фиксни и 149 подвижни камери, како и 127 камери кои можат да препознаат регистарски таблички.

Поврзани содржини