УКРАСУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ СЀ УШТЕ ДОЦНИ Другите општини ќе шедат и ќе прославуваат скромно
Поради економската, енергетската и здравствената криза во земјава, повеќето општини оваа година се одлучија да ги пренаменат средствата за украсување за добротворни цели, додека некои да заштедат, но имаше и такви кои ќе одвојат одредена сума сепак малку да ги израдуваат своите жители.
На речиси две недели од прославата на најлудата ноќ во годината, во главниот град сè уште не може да се почувствува предновогодишната еуфорија, која за миг ги оттргнуваше скопјани од секојдневните проблеми, а прошетката низ градот им ја враќаше насмевката на лицата.
Оваа година според градоначалничката Арсовска задолжена за украсување на Скопје е ангажирана компанијата „Линк медиа плус“, која треба бесплатно да го стори тоа, иако претходно екс-градоначалникот Шилегов со истата фирма потпиша договор во вредност од 240.000 евра, но неговата наследничка го раскина. Сепак, на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје нема ниту светилка, ниту лампион, па градот се вклопува во сивилото кое го предизвикуваат облаците кои овие денови се надвиснати над Скопје.
Но, што се случува во другите општини во државата, како тамошните градоначалници одлучија да ја дочекаат Новата година?
Поради економската, енергетската и здравствената криза во земјава, повеќето општини оваа година се одлучија да ги пренаменат средствата за украсување за добротворни цели, додека некои да заштедат, но имаше и такви кои ќе одвојат одредена сума сепак малку да ги израдуваат своите жители.
– Одлучивме финансиските средства да ги пренасочиме во хуманитарни цели и ќе одиме со поддршка на социјално загрозените семејства. Планираме да спроведеме акција во втората половина од месец декември кога е планирана активност за поддршка на социјално ранливите семејства во нашата општина – рече на брифингот со новинарите градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Советот на општина Чаир едногласно ја одобри одлуката, средствата предвидени за украсување за новогодишните празници да бидат распределени за семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија.
– Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме во ублажување на болката на членовите на семејството што ги загубија своите роднини во трагичната несреќа. Нека им е лесна земјата на оние што ги загубија животите, а нивните роднини, пријатели и колеги нека живеат и нека се сеќаваат на нив – изјави Ганиу на вонредната седница која беше одржана по страшната сообраќајна несреќа во Бугарија каде што 45 лица го загубија животот.
Според најавите, новогодишно украсување нема да има ниту во Општина Карпош, од каде што велат дека има повеќе причини за таквата одлука.
– Новиот градоначалник Стевче Јакимовски, кој стапи на функција на четврти ноември, оцени дека нема потреба од распишување тендер од три причини. Прво, поради прекраткото време за распишување на тендерот, второ, поради најавите за енергетска криза во државата и трето, поради заштеда на средства од буџетот на Општината – велат од Општина Карпош.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, во неколку наврати информираше дека поради големата економска и енергетска криза во земјава, било одлучено оваа година средствата кои досега биле наменети за разубавување да ги заштедат.
Исто така поради енергетската криза, средствата од буџетите на Кисела Вода и Ѓорче Петров за разубавување на општините ќе бидат пренаменети за помош на социјалните случаи, но и за капитални проекти кои ќе се реализираат во 2022 година.
Советот на Општина Новаци ја прифати иницијативата на градоначалникот Стевче Стевановски, буџетските средства планирани за новогодишно украсување на општината да се пренаменат и употребат за добротворни цели.
– Средствата ќе ги користат социјално загрозени семејства и жители на Општина Новаци, информираа од тамошната локална самоуправа – информираат од општината.
Општина Гостивар ќе ги донира парите наменети за новогодишно украсување на Центарот за аутизам во изградба. Информацијата ја соопшти градоначалникот Арбен Таравари на својот профил на Фејсбук.
– Со гордост можам да соопштам дека буџетските пари за светлосно украсување на градот по повод новогодишните празници, јас и мојот тим планираме да ги донираме во Центарот за аутизам што се гради во градот. Верувам дека сите ќе се согласат да го одминеме јавното украсување за Нова година, и така да заштедиме енергија, но пред сè ќе придонесеме таму каде најмногу е потребно, во Центарот за аутизам – напиша Таравари.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, поради енергетската криза и воопшто потребата од заштеда на средства, одлучено е градот и неговото централно градско подрачје да бидат украсени со новогодишните украси, со кои располага општината.
– Без нови трошоци за украсување, Гевгелија ќе добие новогодишно руво, а новогодишната елка ќе светне во центарот на градот. Одлучено е годинава да се распише нов тендер за новогодишно украсување, туку да се искористат елките и украсите со кои располага општината. Тоа значи дека од Општинскиот буџет за новогодишно украсување нема да бидат користени дополнителни средства – информираше Сарамандов.
Штип и годинава за новогодишните празници ќе биде украсен, но скромно, со веќе постоечките реквизити кои општината ги има набавено од порано.
– Градското подрачје ќе биде украсено како и вообичаено, а новитет е што годинава со помош на штипскиот бизнис сектор, ќе има и новогодишен базар, наменет пред сè за забава на најмалите. Општината поради енергетската криза нема да троши пари за ново украсување, туку трошоци ќе има само за поставувањето и тргањето на украсите и реквизитите, околу 100 илјади денари – претходно информираше градоначалникот Иван Јорданов.
Општина Охрид подготви богата музичка програма за прослава на Новата 2022 година, на која ќе настапат бројни домашни естрадни уметници.
– Охриѓани и гостите кои новогодишната ноќ ќе ја поминат на плоштадот „Свети Климент Охридски“ ќе може да уживаат во музичките изведби на „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска. Специјален музички гостин на вечерта ќе биде Верица Ристеска, а свој перформанс ќе имаат диџеите „Фејс“ и „Гец“ заедно со Јана Слеј – информираат од општина Охрид.
Спротивно на ова, сè уште е мистерија зошто доцни бесплатното украсување на Скопје, кое според информациите китењето требаше да се изврши од 10 до 15 декември.
На 8 декември заврши огласот за организација на овогодишниот „Винтерленд“ за кој од буџетот на градот се издвоени 2 милиони денари или околу 32.000 евра. Сепак од кабинетот на Арсовска засега нема информации ниту за тоа кој ќе го организира „Винтерленд“, каква програма ќе има и кога ќе почне, ниту кои домашни пејачи ќе настапат за дочекот на Нова година.