ФИЛИПЧЕ ЗАМИНУВА ОД ФОТЕЛЈАТА Алтернатива ги доби министерствата за здравство и информатичко, МЕПСО, Пензиски фонд, тетовскиот Клинички
Постигнат е договор Алтенратива да го зголеми парламентарното мнозинство и да стане дел од Владата.
На заедничката прес-конференција на лидерот на СДСМ во заминување Зоран Заев и на првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши, Заев ги наведе ресорите каде кадар на новиот коалициски партнер ќе биде на челно место.
Алтернативата ги добива Министерствата за здравство и за информатичко општество и ќе добие министер без ресор задолжен за дијаспората.
Кај Алтернатива одат и МЕПСО, Фондот за пензиско осигурување, Железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции… Партијата на Гаши ќе добие и двајца или тројца заменик министри, еден во Министерството за образование и наука, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира дали е во ресорот земјоделие.
– Вредноста на овој договор е справување со предизвиците. Најважно е функционирањето на институциите и јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е важно во време на предизвици дома и на глобален план. Постигнатниот договор е дека имаме мнозинство кое ќе работи на решение за предизвиците, како што е обезбедување контиунутеот како што е почеток на преговорите со ЕУ. Справување со ковид-19 пандемијата. Сите коалициски партнери сме согласни дека на Северна Македонија и е потребна влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е потребен евроатлатнски курс на дејствување – рече Заев.
Гаши рече дека е исклучително среќен што партијата ќе биде дел од новата владина програма, која има девет нови точки кои на конференцијата за печат ги читаше лидерот на Алтернатива.
Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на институциите.
Инаку, договорено е и Владата на Република Северна Македонија да ги мобилизира сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ, успешно комплетирање на сите поглавја и полноправно членство во ЕУ како стратешка цел, во најкус можен временски рок.
– Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир – беше кажано на прес-конференцијата.
Владата ќе усвои и нов Закон за рамноправен регионален развој и ќе работи на отстранување на сите пречки за да овозможи развој и на Липковскиот регион со цел овој регион да стане рамноправен и еднаков со сите други региони во државата во однос на развојните компоненти.
Согласно договорот, Владата ќе развива и имплементира политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.
Ќе се направи и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување.
Ќе се редефинира и Законот за извршители водејќи се од барањата на граѓаните, со цел да биде во поголема функција на нивните интереси , а потоа и на интересите на институциите.
– Владата ќе иницира процес на градење Национална стратегија за развој и подигнување на квалитетот во образованието, во кој ќе настојува да учествуваат сите чинители од образовниот процес, како и политичките партии, граѓанските организации и меѓународни институции, а во меѓувреме Владата ќе испрати и официјален повик до меѓународните институции за евалуација на домашните високообразовни институции.
Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.
Владата ќе работи и на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.