„ЦРНИОТ ПЕТОК“ СЕ ВСЕЛИ И ВО НАШАТА ТРАДИЦИЈА Купувајте на попуст облека, техника, книги, но и патувајте во странство
Дел од продавниците на бела техника за клуб потрошувачите нудат и поврат од најмалку 3 отсто од платеното. Некои продажните објекти во трговските центри нудат и ваучери за одреден износ на купена стока кои можат да се искористат подоцна во објектите за стока за широка потрошувачка.
Попусти од 20 до 70 отсто на производи од различни брендови за облека, обувки, бела техника, компјутери, телевизори, па и за книги и дочек на Нова година. Традиционално и годинава неделата пред „црниот петок“ и викендот по него се осначени како денови на големи попусти.
Многумина деновиве добиваат пораки за попусти, а по продавниците има билборди и табли кои ја најавуваат неделата пред „црниот петок“ и викендот по него. Традицијата востановена во Америка веќе неколку години ги возбудува шопингхоличарите во последната недела во ноември и во земјава.
Попустите почнаа од почетокот на неделава а ќе траат до 26 ноември, а кај некои од продавниците кои се во трговските центри ќе траат до 28 ноември.
Најрекламирани се попустите на техничка стока. Попустите на овие производи во просек од 20 до 30 отсто, но може да се најдат повисоки во зависност од тоа што барате. Белата техника генерално се движи околу 30 отсто и повеќе, електронските уреди исклучиво околу 30 отсто, а кај малите апарати за домаќинство, попустот на цените достигнува и до 60 отсто и повеќе.
Дел од продавниците на бела техника за клуб потрошувачите нудат и поврат од најмалку 3 отсто од платеното. Некои продажните објекти во трговските центри нудат и ваучери за одреден износ на купена стока кои можат да се искористат подоцна во објектите за стока за широка потрошувачка.
Следни на списокот по бројот на објавени попусти се продавниците за облека и обувки, без разлика дали се работи за спортска или за дизајн. За овие стоки, во зависност од продавницата за која сте заинтересирани, попустите се драстично повисоки отколку за техничка стока. Некои продавници за спортска опрема рекламираат просечни попусти од 40-60 отсто. Сепак, најголемиот број од нив држат 20-30 отсто за малку поскапи брендови и стоки.
Во желбата да се продаде што повеќе и книжарниците одат со посебен попуст на книги. Попусти од 30 до 70 отсто на домашни и странски изданија
Клуб Матица нуди 200 наслови од познати автори за 199 денари, попусти од 30 отсто на домашни и странски изданија
Оваа година во сите книжарници „Литература мк“ цела недела се нудат голем број бестселери, книги и сликовници за деца како и производи од реномирани брендови со попусти до 70 отсто.
– Една од најголемите причини поради кои е продолжено времетраењето на попустите, од еден ден на цела недела е да се избегнат групирањето, турканиците и да се испочитуваат заштитните мерки и правила за држење растојание – велат од оваа книжарница.
Годинава и туристичките агенции се приклучија на неделата и викендот на трошење и намалени цени. Дел од нив нудат топ попусти за аранжмани уплатени во текот на блек фрајдеј. Се нудат новогодишни аранжмани кои, ако се уплатат до 26 ноември имаат посебен попуст.
– Агенцијата „Савана“ нуди аранжман за дочек на Нова година во Атина за 109 евра со блејк фрајдеј попуст од 20 евра и во Букурешт со цена од 99 евра и блек фрајдеј попуст од 45 евра. Аранжмаите се за два дена со автобуски превоз – информираа од Агенцијата.
Попусти имаат и е-трговците за оние кои не сакаат да одат во турканици.
Граѓаните кои со месеци чекаа некој од производите да поевтини побрзаа да го купат уште на почетокот на неделата. Дел од нив само разгледуваат за да видат дали нешто можат да купат. Многумина се прашуваат и каде и дали годинава ќе можат да заштедат при купувањето подароци
– Неколку месеци чекам чевлите кои беа со висока цена да поевтинат и дојдов да ги земам. Сега се на попуст од 30 отсто. Можеби ќе купам и облека, но главно дојдов за чевлите – вели скопјанка.
Но, не сите веруваат дека цената на производот е навистина намалена како што пишува на рекламните паноа.
– Само разгледувам. Искуството од минатите години ми кажува дека попустот што ќе го видам во рекламата не секогаш го има на производот. Трговците велат дека не е истиот производ или попустот не е колку што сум видела. Сепак можеби нешто и ќе купам – вели друга жена.
Од Организацијата за заштита на потрошувачите апелираат граѓаните да внимаваат што купуваат и кои се всушност производите на пописти. Тие треба да бидат соодветно означени и издвоени.