КУБАНСКАТА ВАКЦИНА Ѝ СТАВИ КРАЈ НА ЗАРАЗАТА Земјата се отвара за туристи
Куба сега е една од ретките земји со пониски приходи по глава на жител каде не само што е вакцинирано мнозинство од населението, туку и единствената што го направи тоа со вакцина што ја развила самата.
Куба повторно е отворена за туристи, откако со својата домашно развиена и произведена вакцина успеа да го запре ширењето на коронавирусот.
По тешки дванаесет месеци, кога пребрзото отворање на земјата ја интензивираше пандемијата, смртните случаи го достигнаа врвот и државата повторно воведе карантински мерки, успешната програма за вакцинација конечно ја забави пандемијата во земјата. Куба сега е една од ретките земји со пониски приходи по глава на жител каде не само што е вакцинирано мнозинство од населението, туку и единствената што го направи тоа со вакцина што ја развила самата.
Кога почна пандемијата ковид-19, кубанската Влада одлучи да не чека остатокот од светот да развие вакцини. Тамошните власти знаеја дека 60-годишното економско ембарго на САД против земјата ќе спречи производи произведени од САД да се извезуваат таму, што би значело отежнато снабдување со вакцини и лекарства, наведува „Нејчр“.
– Најдобро беше за заштита на нашето население, да бидеме независни – вели Висенте Верез Бенкомо, генерален директор на Институтот за вакцини Финлеј во Хавана.
Институтот Финлеј и другите државни биотехнолошки центри на Куба започнаа да развиваат свои вакцини против ковид-19 со надеж дека барем една од нив ќе биде ефекасна. Според резултатите добиени на 6 ноември, Верез Бенкомо и неговите колеги информираа дека една од вакцините на институтот, Soberana 02, е повеќе од 90 отсто ефикасна во заштитата од симптоматски ковид-19 кога се користи во комбинација со сродна вакцина. Посебно се истакнува дека комбинацијата се чини дека е ефикасна против високо преносливата Делта варијанта на коронавирусот САРС-КоВ-2, која предизвика пораст на хоспитализации и смртни случаи ширум светот и сега е одговорна за речиси сите случаи на ковид-19 во Куба.
Според податоците објавени на 18 ноември, 89 отсто од населението на Куба – вклучително и деца на возраст од 2 години – примиле најмалку една доза Soberana 02 или другата кубанска вакцина, наречена Abdala, која се произведува во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија (CIGB) во Хавана. . Центарот во јули објави дека Абдала, вакцина со три дози, била повеќе од 92 отсто ефикасна во испитувањата во фаза три кои опфатиле повеќе од 48.000 учесници, но целосните резултати сè уште не се објавени.
Во развојот на Soberana 02, групата на Верез Бенкомо ја искористи својата постоечка технологија за „конјугирана“ вакцина. Конјугираните вакцини на Финлеј земаат протеин или шеќер од бактерија или вирус и хемиски го поврзуваат со безопасен фрагмент од протеин невротоксин од бактеријата тетанус. Комбинацијата предизвикува посилен имунолошки одговор од која било компонента сама по себе. Во светот се користат конјугирани вакцини против менингитис и тифус, а Куба со години ги имунизира децата со вакцина од овој тип.
За да се подобри оваа заштита, тимот на Финлеј им даде трета доза на учесниците во истражувањето. Истражувачите претходно тестирале вакцина наречен Соберана Плус на луѓе веќе болни од Ковид-19 и откриле дека го подобрува нивниот имунолошки одговор. Така, тие им дадоа Soberana Plus, вакцина која се базира само на протеинот RBD на друг сет од 14.000 учесници кои веќе примиле две дози Soberana 02 – и откриле дека третата доза ја зголемила вкупната ефикасност на 92,4 отсто.
Верез Бенкомо вели дека Институтот Финлеј може да произведува 10 милиони дози Соберана 02 месечно. За понатамошно тестирање на вакцината, тој и неговите колеги соработуваа со Институтот Пастер во Техеран за да спроведат слично тестирање со 24.000 лица во Иран и очекуваат тие резултати да бидат наскоро објавени.