СТОИЛКОВСКИ ИЗВАДИ НОВИ СПИСОЦИ НА СДСМ Во Битола уценувале со работа и со стан
Стоилковски нагласи дека притисоците за гласови одат до најсилното чувство, чувството за безбедност и за работа и ги прочита имињата на граѓаните на кои им се нуделе услуги.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска објави фотографии на тројца членови на група полициски структури и параполициски структури испратени во Битола, кои, како што рече, уценувале граѓани за гласањето в недела.
– Благојче Ј., Маријан Н., Антонио Б., сите полицајци, испратени вчера од единицата за специјални задачи, испратени од така познатиот „Љубовник на Водно“, близок на Зоран Заев и на Оливер Спасовски. Ова се специјалци испратени во Битола, во цивилна облека и цивилни автомобили, коишто немаат официјална потреба да бидат распределени таму, бидејќи се луѓе коишто официјално треба да се занимаваат со тероризам. Но, таму се испратени и ставени на располагање на Васко Ковачевски и неговата група во Битола за поткуп и терор врз населението за изборни цели – рече Стоилковски денеска на прес конфернеција.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги обелоденува сите информации за теророт и злоупотребата на институциите во изборни цели на СДСМ.
– Во рака држам докази испратени од свиркачи за списоци со луѓе-гласачи и со нивните потреби, како и уцени и ветувања дека ќе се сретнат со некого со кого имаат доверба дека ќе им го реши проблемот ако го дадат гласот за СДСМ. Не запираат информациите за притисоци, за терор, поткуп, но и за нудење различни удобности на граѓаните само за глас повеќе за опстанок на режимот. Во поразот се прават злоупотреби на сите нивоа, се ветуваат вработувања, бришења на хипотеки, социјална помош, сѐ што ќе им се види примамливо да го понудат – рече тој.
Стоилковски нагласи дека притисоците за гласови одат до најсилното чувство, чувството за безбедност и за работа и ги прочита имињата на граѓаните на кои им се нуделе услуги.
– Џулиета Ш. од Тетово – проблем стан под хипотека, ѝ се нуди помош. Андријана А. од Битола – вработување за ќерката во Скопје. Наташа П. од Росоман – вработување дипломиран детектив. Јордан П. дипл. електроинженер, му се нуди подобра позиција во ТЕЦ Неготино. Следи една запишана порака „Да се најде Менче од Прилеп од сточен пазар преку ОО Прилеп, за вработување“. Понатаму, Никола Н. од Суводол, запишано вработување на Александар Н. лице со телесен инвалидитет, за којшто е побарана услуга за глас. Ванчо М. вработен, самохран родител со плата од 16.000 денари, му се нуди вработување на неговата ќерка. Душанка Ј. од Бутел, 4 години немала електрична енергија ѝ се нуди решавање на проблемот доколку гласа за СДСМ. Весна С., текстилен работник од Штип, од оние кои веројатно останаа без работа од Баргала, бара вработување за синот. Елизабета П. – реализирање на станбено прашање – наброја Стоилковски.