ШТО КАЖА ЕК ЗА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА? Народната банка успеа да одржи финансиска стабилност и во услови на пандемија

ЕК посочува и дека монетарната политика е соодветна на макроекономските услови. Монетарната политика внимателно ги следи и зголемените инфлациски притисоци.

817

Народна банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, како и да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Усогласувањето со европското законодавство е во напредна фаза, се оценува во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава.

Во Извештајот се нагласува и исклучителната важност на независноста на централната банка.






„Целосно независна институција, ослободена од мешање од други власти, е од витално значење за остварувањето на улогата на централната банка, како гарант за монетарната и финансиската стабилност“, се вели во Извештајот.

Од ЕК оценуваат дека за време на кризата предизвикана од ковид-19, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност и да овозможи значителна кредитна поддршка за граѓаните и за компаниите.

„Народната банка ја намали основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,25 отсто, со што ја ослободи потребната ликвидност во стопанството заради поттикнување на економската активност“ се констатира во Извештајот.

ЕК посочува и дека монетарната политика е соодветна на макроекономските услови. Монетарната политика внимателно ги следи и зголемените инфлациски притисоци.

Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена за статистиката во надлежност на централната банка.

Како особено достигнување е издвоен фактот дека во областа на статистиката за финансиските сметки, Народната банка за првпат ги објави годишните податоци за финансиските сметки и редовно ги доставува податоците до Евростат, со подобрена методологија и покривање за одредени финансиски инструменти.

Во однос на статистиката за билансот на плаќања и за директните странски инвестиции (СДИ), од ЕК нагласуваат дека Народната банка ја изготвува според најновите стандарди.

Во Извештајот се бележи и дека Законот за платежни услуги и платни системи, чија цел е усогласување на домашното со европското законодавство, влезе во владина процедура, како и тоа дека Народната банка е во напредна фаза на подготовка на подзаконските акти.

Исто така, истакнато е дека Народната банка оствари напредок и во спроведувањето техничка анализа и откривањето фалсификувани пари, преку нови методолошки алатки, како и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции.

Поврзани содржини