ЕКСПЛИЦИТНИ ФОТОГРАФИИ И ВИДЕА СЕ СПОДЕЛУВААТ НА ФЕЈСБУК Ромките не смеат да бидат жртви на нова „Јавна соба“

Сите објави на гореспоменатата Фејсбук-страница, предизвикува лавина од вознемирувачки коментари и говор на омраза од поединци, како и повици за јавен линч со што се повредува достоинството на Ромките чии фотографии се објавени. 

1,926

Згрозени сме од последните случаи на сексуално вознемирување на жени и девојки Ромки на социјалните мрежи. Имено на 21.08.2021 година на социјалната мрежа Фејсбук се појави фан страна https://www.facebook.com/semmsuvada, на која се објавуваат  компромитирачки и експлицитни приватни фотографии и видеа од истите за тие да се деморализираат и обезвреднат, се вели во реакцијата на Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.

– На истата Фејсбук страница на 06.10.2021 година е објавен повик за собирање на  фотографии и видеа од жени и девојки Ромки со цел нивно објавување и како што е наведено во објавата „јавно прикажување на „нечесните жени“.(„Koj mangena shaj dena slike privatno te ubacina e nepostena manusen“) – велат од здружението.






На самите објави има приватни фотографии и видеа од Ромки кои што живеат во Република Северна Македонија, но и надвор од нашата држава, а на некои фотографии се видливи и нивните малолетни деца. Сите објави на гореспоменатата Фејсбук страница, предизвикува лавина од вознемирувачки коментари и говор на омраза од поединци, како и повици за јавен линч со што се повредува достоинството на Ромките чии фотографии се објавени.

– Токму поради сето ова, ги повикуваме жените кои се директно засегнати со овие објави, како и сите останати корисници на социјалната мрежа Фејсбук да ги пријават ваквите објави најпрво користејќи ги алатките за пријава на ваков вознемирувачки материјал на Фејсбук, а потоа да ја пријават ваквата злоупотреба до надлежните институции и/или до здруженијата на граѓани – се вели во реакцијата испратена до медиумите.

Оттаму ги повикуваат Министерство за внатрешни работи,Одделот за компјутерски криминал и Дигитална форензика, Основното јавно обвинителство, Агенцијата за заштита на лични податоци и Комисијата за  спречување и заштита од дискриминација веднаш и итно да постапат по допрен глас и да ги елиминираат овие штетни практики кои имаат за цел да ги нарушат достоинството и угледот на жените Ромки!

– Не смееме да дозволиме да ни се повтори случајот со „Јавна соба“! Како општество не смееме да го дозволиме вознемирувањето, злоупотребата на лични податоци  и јавниот говор на омраза кон жените чија единствена цел е да се наруши дигнитетот и јавниот углед  на жените Ромки – реагираат од здружението.

Поврзани содржини