НЕ МОЖЕ ДА ЧЕКАМЕ НЕКОЈ ДА ЈА КРАДЕ ИДНИНАТА НА СКОПЈЕ Арсовска ќе гради два кружни тека во Ѓорче Петров

Кандидатката за градоначалничка на Скопје најавува и изградба на повеќе инфраструктурни објекти.

706

Скопје денес е во застој, не се развива и никогаш не било повалкано. Градот живее во стагнација, уназадување и тоа нè разочарува сите. Заборавени цели населби со илјадници жители. Села и приградски населби без вода, без улици и без осветлување, изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва во Ѓорче Петров.

– Градот е заробен во урбан хаос, каде секој гради каде сака, истура бетон врз дрва и зеленило. Луѓето без визија ќе ви кажуваат дека проектите кои ги предлагаме не можат да се реализираат. А ние денес ќе им порачаме дека нивното време во Ѓорче Петров и во Скопје е завршено. Имаа шанса, ја прокоцкаа. А ние сме професионалци што нудат решение – рече Арсовска.






Арсовска уште порача дека неработниците заминуваат и доаѓа време на брзи и сигурни решенија, дека сега е време за професионалците, за менаџерите и за чесните луѓе кои работат.

– Ние сме професионалци кои нудат решенија. Градот Скопје мора да се развива еднакво. И во центарот на градот, но и во овие преубави населби околу него. Тука во Ѓорче Петров, се обврзувам дека за мене нема заборавен населба. Не смее Волково, Кучково, Даме Груев, Ново Село, Орман и Никиштани и Кисела Јабука да немаат чиста вода за пиење или да немаат канализација или асфалт или игралишта за нашите млади генерации. Мораме да работиме на растеретување на сообраќајот и на главната артерија низ Ѓорче Петров, и на влезот на градот Скопје од западен правец, но и на артериите кои го поврзуваат Ѓорче Петров со останатиот дел од градот. За решавање на овие проблеми нема да чекаме четири години. Почнуваме веднаш – рече Арсовска.

Арсовска ги претстави проектите за Ѓорче Петров, проширување на кракот на булевар Теодосиј Гологанов до раскрсница со булевар. Ѓорче Петров и изградба на сообраќајница со четири ленти, инфраструктурни проекти значајни за општина Ѓорче Петров, два нови кружни тека, еден на влезот во Ѓорче Петров од Сарај и друг на улица Македонска војска.

Во соработка со централната власт ќе се предвидат и нови поврзувања со автопатот и обиколницата на клучните излези од градот Скопје, како и чистење на дивите депонии кај Ново Село и многу други.

 

 

Поврзани содржини