Во тешката сообраќајна несреќа што попладнево се случила кај Стража на патот Маврово – Кичево учествувал и Зоран Милески-Кичеец, осуден во случајот „Рекет“, објави порталот МКД.мк.
МИА објави дека во СВР Тетово било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на Новоселските гробишта, денеска во 15.30 часот се случила сообраќајна несреќа. Во неа учествувале три моторни возила: џип „мерцедес”, патничко возило „бмв” и камионет.
Од повредите здобиени при сударот едно лице од камионетот починало на местото на несреќата, а седум лица се пренесени во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош.
Засега нема информации како дошло до несреќата и што ја предизвикало.
Во моментов јавен обвинител и екипа од ОВР Гостивар вршат увид.
Од СВР Тетово посочуваат дека денеска во рамки на акцијата за контрола на брзина на сообраќајот во полошкиот регион, биле изречени 86 мерки.