АКО ЗГУСНЕ, ВЛАДАТА ЌЕ РЕАГИРА Засега нема план за нов пакет помош за фирмите
Ние сме во постојана комуникација со деловната заедница, но генерално тоа што се случува во економијата, ние го следиме и реагираме, поради тоа што ковид-кризата траеше подолго од најоптимистичките сценарија на глобално ниво, вели Бесими.
Домашната економија претрпува нов удар кој ѝ го нанесе новиот бран на вирусот ковид-19. Дополнително врз економијата влијаеја и рестриктивните мерки кои ги донесе владата, што резултираше со намалување на приходите кај дел од бизнисите, па сега повеќето сектори бараат или да се олабават мерките или пак државата да им понуди нов пакет помош.
На денешниот брифинг со новинарите, министерот за финансии Фатмир Бесими потенцираше дека владата во моментов не размислува за нов пакет финансиска помош за компаниите, но доколку се процени дека новиот бран предизвикува значителни штети на дел од бизнисите, тогаш ќе реагираат и државата ќе ги покрие штетите.
– Ние сме во постојана комуникација со деловната заедница, но генерално тоа што се случува во економијата, ние го следиме и реагираме, поради тоа што ковид-кризата траеше подолго од најоптимистичките сценарија на глобално ниво – рече Бесими.
Тој додава поради ковид-кризата со ребалансот на буџетот е зголемен делот на расходите, кој се однесува на поддршка на економијата и стопанството преку Развојната банка и преку други државни агенции.
– Има инструменти кои допрва ќе се реализираат, покрај мерката за субвенционирање на платите која беше најискористена, во последниот пакет преку Развојната банка беше предвиден и делот на заеми кои ќе бидат бескаматни и со 12-месечен грејс период. Ако корисниците забележат раст на приходите и на бројот на вработени, заемот до 50 проценти ќе се претвори во грант. Овој инструмент сè уште е расположлив – објасни министерот.
Бесими ја истакна и гарантната шема која е нов инструмент преку Развојната банка и ќе може да ја искористат фирмите. Тука се и гаранциите за извозно ориентираните компании, потоа дополнителниот фонд за поддршка на извозот и за истражување и развој сè уште се мерки кои се најавени и допрва ќе почнат да се реализираат.
– Во процесот на дизајнирање на досегашните мерки во оваа година имавме редизајнирање на мерките за плати и за кредити, не само за тие што остваруваат загуба, туку и за оние кои имаат позитивен финансиски резултат. Доколку тие покажуваат зголемен број на вработени и приход, тие имаат придобивки. Главната цел е фирмите да бидат мотивирани и да инвестираат и со тоа да имаат поддршка од државата – заклучи Бесими.