Екологистите на протести: Ja сменија Ана Петровска зашто им беше трн в око на олигарсите!

Екологистите потсетуваат дека разрешената директорка Петровска, направи огромна промена во делувањето на како што велат заспаниот и затворен инспекторат, каде директорите обично биле послушници и корумпирани личности.

1,454

Македонските борци за здрава животна средина кренаа лавина од реакции, откако Владата вчера ја разреши директорката на Државниот инспекторатот за животна средина (ДИЖС), Ана Петровска, поради што најавуваат и протести во одбрана на вистинските професионалци, кои, како што велат, очигледно не ѝ се по мерка на власта.

Екологистите од Иницијативата О2 ѝ порачуваат на власта веднаш да престане со „византиските игри и поради политички уцени и калулации да менува стручни и докажани кадри“.

Кочанските екологисти, пак, сметаат дека Ана Петровска треба да ги добие сите ловорики, затоа што е најзаслужна што тие дишат почист воздух, откако се затвори фабриката „Пејпер Мил“. И тие најауваат протести.

– Еднаш да победат интегритетот, професионализмот, демократијата. Тргнете ги партиските игри и бизнис диловите од високите раководни функции! – порачува Иницијативата О2.

Наводно, велат екологистите од Иницијативата О2, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, му поставила услов на Зоран Заев – или ќе ја разреши Ана, или таа нема да гласа во Собранието кога треба.

– Внатрепартиските превирања во ДОМ, кои требаа да останат токму тоа, внатрепартиски, се прелија каде што не смеат, во институциите. Ова не смее да се дозволи! Не може да менувате луѓе поради уцени на пратеници кои имаат внатрепартиски проблеми, ако тоа е навистина причината! Кога бре во оваа земја ќе дозволите стручни луѓе да си ја вршат работата со интегритет и професионално! – – реагираат активистите на Иницијативата О2.

Тие потсетуваат дека разрешената директорка Петровска направила огромна промена во делувањето на, како што велат, заспаниот и затворен инспекторат, каде директорите обично биле послушници и корумпирани личности.

– И сега, ја менувате поради еден глас во Собранието. Имате мнозинство од 62 пратеника, а потребни ви се 61. Ова не може да биде вистинската причина поради која ја тргате Ана Петровска од чело на ДИЖС. Дали вистинската причина е тоа што не ви одговара, зашто постапува според законските обврски, врши инспекции каде треба и ги мати бизнисите на тие кои според вас не треба да ги чепка? – прашуваат тие,
Кочанските екологисти, пак, потсетуваат дека Петровска има најголема заслуга во заедничката битка со граѓаните против отровите на фабриката „Пејпер Мил“. Екологистот Орце Николов од Граѓанскиот одбор за здрав живот во Кочани најавува дека ќе организираат и протести во одбрана на неправедно разрешена директорка која чесно и вредно ги извршувала своите работни задачи.
– Апсурдно е да смени директорката Ана Петровска. Нејзиното разрешување е дело на олигарсите, тие го имаат поттикнато тоа, затоа што Петровска беше некорумпирана, не можеа да ја поткупат, им беше трн в око – вели Николов во изјава за Плусинфо.

 

Петровска, вели Николов, освен што професионално си ги извршувала обврските, многу пати, додека се истражувало загадувањето предизвикано од „Пејпер Мил“, самоиницијативно, речиси секој ден одела на местото на загадувањето, постојано била во контакт и отворена за соработка со граѓаните само за да им помогне да го откријат изворот на аерозагадувањето во Кочани.

 

– Таа го иницираше земањето мостри за испитување на водата и на почвата во нашиот град. Благодарение на Петровска ние дишеме почист воздух. Ако таа не реагираше, немаше да има ни филтри, ниту подобрување на квалитетот на воздухот во Кочани – вели Николов и потсетува дека разрешената директорка била иницијатор на многу законски измени во корист на чистата животна средина, поради што непочитувачите на законите и олигарсите сакале да ја сменат уште поодамна, пред внатрепартискиот конфликт во партијата на зелените, ДОМ.

 

Разрешувањето на Петроска, како што информираме вчера наводно било на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Власта, пак, информира дека  согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

Според Владата, кадровските решенија за државните инспекторати како носители на јавни функции се дефинираат низ разговори со коалициските партии и со преземање политичка одговорност пред граѓаните од страна на секоја политичка партија за позицијата со која раководи.

Петровска вчера, неколку часа пред Владата да ја донесе одлуката за нејзиното разрешување, ги презентираше резултатите од сработеното во изминатите шест месец. Така, од јануари до јуни 2021 година, се реализирани 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866, или остварено е 30 посто повеќе од планираното. Биле утврдени 363 неправилности за кои се издадани решенија за нивно отстранување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 е забележано зголемување од 203 отсто. Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои изречени се 36 санкции со глоба платен налог, а покренати се и две кривични постапки. Највисоката глоба која што е изречена годинава е 20.000 евра за една оранжерија во Градско.

Петровска, како инжинер  со долгогодишно искуство во животната средина и просторното планирање во Инспекторатот за животна средина беше поставена во 2020 година, а пред тоа додека беше  член на Извршниот одбор на ДОМ, во 2018 година  беше именувана за државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во внатрепартиските превирања во ДОМ, Петровска и Мирослав Богдановски останаа без партиските функции.

 

Поврзани содржини