118 години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле  градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател.

344

 Сто и осумнаесет години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на на 2 Август – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Институциите ја објавија агендата за денешното чевствување, според која оваа година премиерот Зоран Заев ќе одржи говор во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Скопје, а претседателот на државата Стево Пендаровски ќе присустува на манифестацијата во Крушево, но како што најави нема да одржи политички говор и подоцна во текот на денот во Крушево ги повика да присустуваат претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни политички партии.






Шефот на државата во петокот на брифинг со новинари напомена дека ќе направи обид за едно поинакво празнување на Илинден, што го означи како обид за обединување. Најави дека на централната манифестација во Крушево во 18 часот ги поканил претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни партии. Истакна дека оваа година нема да одржи политички говор на Мечкин Камен, туку ќе има кусо видео-обраќање по повод Денот на Републиката. Според шефот на државата она што досега се случувало во Крушево е повеќе разединување отколку обединување, следејќи ја целата досегашната пракса на прослава на државниот празник.

Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар. Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во девет часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев.

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Смилево ја предводи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање  Христина Оџаклиеска, наведуваат од Владата.

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле  градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Поврзани содржини