ПОПЛАДНЕВО КОЛАПС НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ Дефект ги блокира камерите и семафорите, хаос во сообраќајот
Делови од Центар и Карпош останаа без струја по дефект на 10-киловолтен вод, при што паднаа семафори и системот „Безбеден град“ остана без напојување.
Попладнево делови од скопските општини Центар и Карпош останаа без електрична енергија по сериозен дефект во дистрибутивната мрежа, јави Телма повикувајќи се на информации од ЕВН.
Проблемот, според првичните податоци, настанал на 10-киловолтен вод што го напојува поширокиот дел од градската мрежа.
Поради дефектот, дел од домаќинствата биле привремено без струја, додека останатите биле пренасочени на алтернативни линии за снабдување.
Ситуацијата најмногу се одрази врз сообраќајот – семафорите во повеќе крстосници во Центар и во Карпош престанаа да функционираат, што предизвика застои и зголемена нервоза кај возачите во попладневниот шпиц. На терен беа излезени полициски екипи кои го регулираа сообраќајот.
Покрај семафорите, без напојување остана и системот „Безбеден град“, кој се користи за автоматско следење и регистрирање сообраќајни прекршоци низ главниот град.
Станува збор за систем што од февруари 2026 година се користи за контрола на брзина, црвено светло, нерегистрирани возила и непрописно паркирање.
Екипи на ЕВН се на терен и работат на лоцирање и санација на дефектот, а од компанијата најавуваат постепено враќање на нормалното снабдување со електрична енергија.
До целосно стабилизирање на состојбата, од надлежните се апелира возачите да бидат особено внимателни на раскрсниците каде семафорите не работат.