РЕОБЈАВЕН ТЕНДЕРОТ ЗА 100 АВТОБУСИ Градот влегува во нова фаза на јавен превоз
Градот Скопје повторно го отвори тендерот за 100 автобуси, а паралелно се најавува и почеток на БРТ систем и големи инфраструктурни промени.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека постапката за набавка на 100 автобуси е повторно отворена и изрази очекување дека овој пат ќе биде успешно завршена.
Тој истовремено најави и паралелен проект за воведување на брз автобуски систем – БРТ, кој треба значително да го модернизира јавниот превоз во главниот град.
– Денеска е реобјавена постапката за 100 автобуси, се надевам дека овојпат ќе биде успешна. Владата ќе обезбеди 100 автобуси, а јас многу скоро го започнувам БРТ проектот за кој градот ќе обезбеди 40 автобуси – изјави Ѓорѓиевски.
Според најавите, административните процедури за БРТ системот треба да бидат завршени до крајот на годината, а почетокот на реализацијата се очекува во следниот период.
Градоначалникот се осврна и на состојбата што ја затекнал во градот, посочувајќи дека веќе се водат повеќе контроли и проверки од надлежни институции.
– Во моментов има ревизија, а финансиската полиција и други институции работат на одредени предмети во Град Скопје. Верувам дека ќе има одговорност – рече тој.
Во делот на комуналната хигиена, Ѓорѓиевски информираше дека е завршена постапката за набавка на 40 нови камиони, дел од нив цистерни за миење улици.
Тој најави и нов систем за управување со отпад преку претоварни станици, со кој, како што рече, ќе се намали потребата камионите да патуваат директно до депонијата Дрисла.
– Отпадот од помалите камиони ќе се претоварува во поголеми, кои потоа ќе одат до Дрисла – појасни градоначалникот.
Според него, се работи и на набавка на околу 2.600 нови контејнери, што треба да придонесе за подобрување на хигиената во градот.
Градоначалникот повтори дека дивата депонија Вардариште ќе биде претворена во парк, а веќе започнало чистење на теренот.
– Стојам зад тоа дека Вардариште ќе стане парк. Почнавме со чистење на површинскиот отпад – рече тој.
Ѓорѓиевски се осврна и на жичарата на Водно, која моментално не работи, објаснувајќи дека е направена детална техничка проверка поради безбедносни причини.
Според него, утврдени се технички проблеми кај дел од сензорите, а системот е доведен во фаза на ремонт.
Во однос на луна паркот, градоначалникот информираше дека е избран изведувач и дека проектот треба да биде завршен во текот на следната година.