📽️ 📷 75 МИЛИОНИ ЕВРА ПОВЕЌЕ И ПОЕВТИН РОАМИНГ СО ЕУ Мицкоски со очекувања по Самитот во Брисел
Премиерот очекува дополнителни 10 проценти врз досегашните 750 милиони евра од Планот за раст, а порача дека Македонија треба да се оценува според реформите и постигнатите резултати, а не според билатералните прашања.
Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат заедничката иднина – порача премиерот Христијан Мицкоски по денешните разговори на Самитот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Брисел.
Во изјавата по средбата, Мицкоски нагласи дека очекува Македонија и во декемврискиот извештаен период да биде меѓу најуспешните во исполнувањето на целите од Реформската агенда. На разговорите, како што посочи, станало збор и за дополнување на финансискиот пакет поврзан со Реформската агенда.
Премиерот рече дека државата останува посветена на спроведувањето на предвидените реформи и очекува дополнителни средства во рамките на Планот за раст за Западен Балкан.
– Ние очекуваме да добиеме зголемување од 10 проценти на веќе добиените 750 милиони евра, така што посветеноста останува. Ние сме тие што зборуваме дека е доста од билатерализација, доста е од билатерални прашања, дека треба да зборуваме за заслуги и за учинок. Ние како Македонија го правиме токму тоа и тука. Ќе се бориме за она што е наш аргумент, ќе се бориме за македонските граѓани – истакна Мицкоски.
На средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, и лидерите на земјите од Западен Балкан, се разговарало за проширувањето, Реформската агенда, Планот за раст и следните чекори во процесот на европска интеграција.
Мицкоски посочи дека биле разгледани и реформите и придобивките што Македонија ги реализирала во изминатиот период, меѓу кои и приклучувањето кон СЕПА и напредокот во процесот за проектот „Roam Like at Home“.
– Практично, она за што денеска зборував е дека, откако ги завршивме техничките преговори со Европската комисија, следуваат целосната функционалност и имплементација на проектот „Roam Like at Home“. Тоа ќе значи дека македонските граѓани, кога ќе комуницираат со земјите од ЕУ, услугите ќе ги плаќаат по исти цени како дома – рече Мицкоски.
Самитот продолжува со работна вечера, а премиерот најави дека утре во Собранието ќе одговара на пратенички прашања.
Претходно, Мицкоски на својот профил на Фејсбук објави дека на Самитот, преку дијалог, размена на мислења и заедничка дискусија, се отвораат важни прашања за иднината, соработката и заедничките предизвици.
– Ваквите средби се значајна можност за градење доверба, зајакнување на партнерствата и унапредување на меѓународната соработка. Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина – порача премиерот.
Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан денеска во Брисел одржуваат Самит посветен на европската перспектива на регионот, забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на безбедносната и политичката соработка во услови на сложени геополитички околности.
Деветтиот самит по ред го организираат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а учествува и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Како што најавија европските институции, средбата е можност ЕУ повторно да ја потврди својата посветеност на членството на земјите од Западен Балкан, но и да ги повика регионалните партнери да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски на патот кон Унијата.
Во фокусот на разговорите се и напредокот во постепената интеграција на регионот во европските политики и единствениот пазар, спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.
Пред почетокот на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, нагласувајќи дека пристапувањето на регионот е заедничка амбиција и важна геополитичка инвестиција во актуелните турбулентни времиња.