СТОТИЦИ ГРАЃАНИ НА УЛИЦА ПРОТИВ ФЕМИЦИДОТ „Ниту една повеќе“ е пораката од Скопје

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, учесниците испратија порака дека фемицидот не смее да се третира како трагедија, туку како сериозен општествен и институционален проблем.

0

Неколку стотици граѓани денеска излегоа на протестен марш низ центарот на Скопје, барајќи посериозно санкционирање на фемицидот, институционална одговорност и поефикасна заштита на жените од насилство.

Маршот, организиран на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, започна во паркот „Жена Борец“, а заврши пред Министерството за внатрешни работи.






Учесниците се движеа низ центарот на градот, поминувајќи покрај булеварот 11 Октомври, кај Рекорд, по булеварот Св. Климент Охридски и улицата Јордан Мијалков.

„Ниту една повеќе“ и „Нема да нè снема“ беа дел од пораките што ги извикуваа демонстрантите. На транспарентите беа испишани и пораките „Не е трагедија, фемицид е“, „Не е љубов ако те убива“, „Не сте свесни колку сме бесни“, „Не се откажуваме, ниту една повеќе“ и „Тука сме за вашите ќерки, сестри, жени, мајки“.

Од протестот беше упатен и повик до пратениците да преземат конкретни чекори за построго законско санкционирање на фемицидот. На институциите им беше поставен рок до 10 декември за да се придвижат работите во насока на исполнување на барањата.

Протестниот марш беше организиран од неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“, која претходно повика на масовно учество и порача дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран случај, ниту пријавите на жртвите да остануваат без соодветна институционална реакција.

Поврзани содржини