И НОЌЕ СЕ АСФАЛТИРА АВТОПАТОТ ДО БОГОРОДИЦА Николоски најави модерен влез во државата

Рехабилитацијата опфаќа околу пет километри од граничниот премин Богородица до потегот по Гевгелија, а градежните екипи работат и во ноќните часови за побрзо завршување на проектот.

0

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, изврши вечерен увид во работите и оцени дека активностите на терен се одвиваат одлично. Тој најави дека наскоро овој потег ќе добие современ асфалтен пат.

– Вечерва сме на граничниот премин Богородица, најфреквентниот граничен премин што го има државата. Ова е граничен премин на Коридорот 10, кој нè поврзува со Грција. Во рамките на програмата на Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт се врши целосна реконструкција и рехабилитација на влезот во Македонија, во должина од околу пет километри, од граничниот премин Богородица до по Гевгелија – изјави Николоски.






Тој посочи дека работите се изведуваат со засилено темпо, вклучително и во ноќните часови, со цел реконструкцијата да биде завршена во што пократок рок.

– На овој начин покажуваме дека се грижиме за сите делови од државата и дека сакаме инфраструктурата да биде во одлична состојба насекаде. Сакав, во една ваква вечерна посета, да ги поздравам сите што работат овде и да видам како се одвиваат активностите. Навистина, работите се одвиваат одлично и за многу кратко време ќе имаме супермодерен влез во државата – рече министерот.

Рехабилитацијата се реализира на еден од најважните патни правци во земјава, кој преку Коридорот 10 ја поврзува Македонија со Грција и претставува значаен дел од меѓународниот транзитен сообраќај.

Поврзани содржини