Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска пред работната средба со партијата Демократски сили на Ромите, даде изјава за медиуми при што беше и запрашан кој е неговиот коментар за јавниот долг на државата.
– Јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра, точно, но тоа не е најголемиот проблем. Уште поголем проблем е што за само шест месеци тој долг порасна за 904 милиони евра. Значи само за шест месеци порасна долгот за 904 милиони евра. А, тоа се народни пари, позајмени од Владата кои што треба граѓаните да ги плаќаат поради неспособните и неекономските политики на оваа Влада и обидот за сериозен поткуп и влијание на гласачите за следните локални избори – истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека неверојатно е како власта за само шест месеци државата ја задолжи за 904 милиони евра, а проекти нема никаде. Подобар живот граѓани не добија.
– Ќе ве потсетам, откако е оваа влада на политичката сцена во Владата, повеќе од две ипол милијарди евра е зголемен долгот. Две и половина милијарди евра, знаете што значи тоа? Тоа значи дека секој еден граѓанин во Македонија должи повеќе од 1.250 евра, откако оваа Влада е на чело на државата – нагласи Мицкоски.