Пречекот на македонската гордост ќе биде утре во 19.30 пред Триумфална (ВИДЕО)
Тренерите на олимпискиот вицепрвак, браќата Дарко и Борче Костовски се откажаа од премијата која им ја додели државата за постигнатиот успех и побараат истата да му биде пренасочена на „сребрениот“ Дејан Георгиевски.
Гордоста на македонската нација, таеквондистот Дејан Георгиевски, кој на Олимпијадата во Токио дојде во сребрениот медал, утре ќе се врати во Скопје.
Тој од Токио ги повика сите граѓани на прослава на овој голем успех утре во 19:30 часот пред Триумфалната капија во центарот на градот.
– Благодарам за поддршката кон мене и мојот тим. Од Олимписките игри донесов сребрен медал со златен отсјај. Ве повикувам утре, четврток во 19:30 часот на триумфална порта на плоштадот заедно да го прославиме овој успех – рече Георгиевски.
Владата денес донесе одлука за парична награда од 20.000 евра за македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски кој освои сребро на ОИ во Токио.

Предвидена беше и награда од 10.000 евра за неговите тренери, но тие се откажаа и порачаа дека целата премија ја заслужува Георгиевски.
– Владата доделила 20 000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите. Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост ! За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ) – објави тренерот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
Освен наградата од Владата, Георгиевски има и награда од 10.000 евра од АМС.