Ај пуст да е, пуст да би останал живот камперски!
Многу странци кои нè контактираат прашуваат дали може да кампуваат во Градскиот парк или некаде да отворат шатори на планината Водно и на Скопска Црна Гора, но секојпат ги информираме дека е забрането. Така што, во Скопје нема место за кампување, вели Снежана Јанковиќ, извидник од Скопје.
Треба да бидеме среќни поради тоа што живееме во земја која изобилува со прекрасни планини, реки, шуми и лединки, но од друга страна, пак, треба да сме тажни поради тоа што не можеме максимално да ги искористиме таквите убавини. Ова за Плусинфо го велат извидници и планинари, кои се жалат дека освен на диво и на ризик, ретко дека ќе можете да пронајдете обележано место за кампување и таму да поставите шатор.
Снежана Јанковиќ, долгогодишен извидник од Скопје, вели дека во околината на главниот град нема обележани места за кампување, освен на диво, што е забрането со закон, бидејќи е главен град.
– Многу странци кои нè контактираат прашуваат дали може да кампуваат во Градскиот парк или некаде да отворат шатори на планината Водно и на Скопска Црна Гора, но секојпат ги информираме дека е забрането. Така што, во Скопје нема место за кампување – вели Јанковиќ.
Според неа, единственото место за кампување во околината на Скопје е кањонот Матка, каде што се наоѓа кампот „Ривер Камп Саламандер“, а таму, како што објаснува, се нуди простор за поставување шатори, има место за правење скара, има тоалети и чешми.
– Во околината на Матка може да се кампува и кај манастирот Свети Никола Шишевски, но гостите треба да се најават пред да се одлучат да го посетат ова место кое нуди прекрасен поглед кон кањонот. Исто така, на пет километри од селото Зелениково, во местото Градовци има извиднички дом каде што може да се кампува, а има и дом во кој може да се преспие. Од другата страна на градот, во селото Катлановска Брезница на Скопска Црна Гора има извиднички дом кој располага со огромен двор за кампување, а исто така и самиот дом има капацитет за преспивање. Тука е и извидничкиот дом Мала Река кој се наоѓа на неколку километри од населбата Драчево, а каде што можете да дојдете и да го поставите вашиот шатор – објаснува Јанковиќ.
Планинарката Соња Николовска, пак, вели дека во околината на Скопје има места за кампување, но и нема места за кампување.
-Кампинг места има, но и нема. Не само во Скопје, општо во Македонија. Од Езеро Треска, сè до лединки покрај река Кадина под Зелениково, шумата до видиковецот на Езеро Козјак. Зависно од тоа колку сте авантуристи и какви услови барате. Река Кадина на планината Китка е совршено место за поставување камп покрај вода, боровата шума над домот Караџица, затскриените места во шумите под Бегово Поле. Село Бадар е одлично место ако сакате да поставите шаторче и да се опуштите со риболов на Пчиња. Не така далеку од Скопје се и местата на велешка Бабуна, преубавото плажиче на Пешти – открива нашата соговорничка Соња.
Таа вели дека има уште мал милион затскриени лединки кои изобилуваат со услови за одличен кампинг, но напоменува и советува дека во летниот период е најдобро да се бира кампинг покрај вода, отколку во шума.
– Забраната за движење во шуми и палење оган е активна и мора целосно и одговорно да ја почитуваме, особено во летните денови – додава Николовска.